• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки Печати

Дијагнозата се поставува врз основа на физикален преглед од страна на уролог. Секоја раничка на глансот на пенисот која долго време трае, не зараснува и со тек на време се зголемува е суспектна за карцином.

Доколку при физикалниот преглед, урологот се посомнева за можен карцином, се прави биопсија од промената. По земањето на примероци од лезијата, тие се праќаат на микроскопско испитување кај специјалист-патолог. Дефинитивната дијагноза на карциномот на пенисот се поставува со микроскопското прегледување на примерокот од ткивото на лезијата земен при биопсијата. Патологот може да одреди дали има присуство на карциномски клетки, да го утврди видот на карциномот, како и неговата агресивност (колку брзо може да расте туморот). Патолошката дијагноза треба да се направи според класификацијата на СЗО од материјалот добиен со биопсија од суспекната лезија на пенисот.

Од кога ќе се постави дефинитивна дијагноза на карцином на пенисот, следат и други дополнителни испитувања со цел да се утврди проширеноста на болеста, односно да се види дали се работи за локална или метастазирана болест (одредување на стадиум на болеста).

За определување на стадиумот на болеста потребно е да се направат следниве испитувања:

  • Детален физикален преглед.
  • Одредување на хистолошкиот тип на туморот и неговиот градус.
  • Ултразвучен (ехотомографски) преглед.
  • Рендгенграфија на градниот кош со цел да се утврди дали постојат метастази во белите дробови.
  • Компјутеризираната томографија и магнетната резонанца на малата карлица се неопходни за евалуација на нодалниот статус во оваа регија (евентуално присуство на метастази во регионалните лимфни јазли).
  • Сцинтиграфски преглед на скелетот се прави доколку постојат одредени симптоми ( болки во коските), а со цел да се откријат евентуални метастази.

Одредувањето на стадиумот на болеста е многу важно за адекватно спроведување на терапијата. Во зависност од стадиумот на болеста и лекувањето е различно.

Стадиуми на карциномот на пенисот

Стадиум I

Стадиум I на карцином на пенис е карцином кој што е ограничен на глансот и на препуциумот, но без зафаќање на corpora cavernosa.

Стадиум II

Стадиум II на карцином на пенис е карцином којшто ја инфилтрира corpora cavernosa на пенисот, но не ги зафатил регионалните лимфни јазли при клиничкото испитување.

Стадиум III

Стадиум III на карцином на пенис покажува клиничко зафаќање на регионалните ингвинални лимфни јазли. Излекувањето на пациентите во овој стадиум зависи од екстензијата и бројот на зафатените лимфни јазли.

Стадиум IV

Стадиум IV на карцином на пенис е инвазивен карцином којшто покажува екстензивна неоперативна зафатеност на регионалните ингвинални лимфни јазли и/или постоење на дистантни метастази.

TNM класификација

Примарен тумор (Т)

T0: Нема доказ за постоење на примарен тумор

Tis: Carcinoma in situ

T1: Туморот го зафаќа субепителното ткиво.

T2: Туморот го зафаќа corpus spongiosus или cavernosum.

T3: Туморот ја зафаќа уретрата или простатата.

T4: Туморот ги зафаќа другите околни структури.

Регионални лимфни јазли (N)

N0: нема присуство на лимфонодални метастази.

N1: метастаза во еден површен ингвинален лимфен јазол.

N2: метастази во повеќе ингвинални лимфни јазли или билатерална лимфонодална ингвинална зафатеност.

N3: метастази во длабоките ингвинални или карлични лимфни јазли, унилатерални или билатерални.

Далечни метастази (М)

М0: Нема присуство на далечни метастази.

М1: Присуство на далечни метастази.