• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Терапија против хемангиом - бениген тумор кај бебиња Печати

Група на научници од одделот за педијатриска дерматологија при Универзитетскиот здравствен центар во Бордо, лансирала терапија на база на бета блокатори, наменета за лекување на бенигните тумори - хемангиомите кај новороденчињата.

Што се хемангиоми?

Хемангиомите за бенигни тумори кои настануваат со хиперплазија (зголемување) на крвните садови, а може да се јават насекаде во телото, односно на кожата и во внатрешните органи. Хемангиомите се создаваат од раѓање.

Црвенкастите до виолетови дамки се распоредени на разни места во телото.

Класификацијата и поделбата на хемангиомите според изгледот, бојата и локализацијата на телото не е прецизна.

Различните клинички видови на хемангиомите се делат на:

  • хемангиоми кои спонтано се губат во текот на животот,
  • хемангиоми кои трајно остануваат како белег на телото,
  • кавернозни хемангиоми, кои се над површината на кожата, со изразена синовиолетова боја.

Правилното дијагностицирање на хемангиомот е многу важно за одредување на начинот на лекување и за одлука за оперативно лекување.

Различна форма и локализација на хеманигиомите

Инволутивните хемангиоми се губат спонтано во текот на животот. Овој вид хемангиоми се најчести кај бебињата и децата, а се јавуваат со раѓањето или во првите два до три недели од животот. Во почетокот растат брзо, но потоа постепено почнуваат да се губат и исчезнуваат најдоцна до седмата година од животот. Распоредени се по целото тело, но најчесто на главата и на вратот. Почести се кај девојчињата и кај луѓето со светла коса. Тие се остро ограничени, светлоцрвени или модросини, лесно испапчени со неправилна форма (личат на јагода). Може да бидат површни и со светлоцрвена боја или длабоки со модросина боја, покриени со кожа со нормален изглед.

Вродените хемангиоми спонтано се повлекуваат. Оперативното отстранување остава трајни лузни. Ако локализацијата е на делови од телото и ја попречува функцијата на очните капаци, усните или на образите, треба да се изведе делумно отстранување или склерозирање на хемангиомот за да се воспостави функцијата на зафатениот орган.

Неинволутивните хемангиоми предизвикуваат големи естетски и функционални нарушувања. Се создаваат од раѓање, но не растат брзо во првите четири до шест месеци. Зафаќаат големи делови од телото, обично на лицето и вратот. Луѓето ги нарекуваат и "дамки од вино" бидејќи имаат розова до виолетова боја. Тие се малку издигнати над нивото на кожата, а нивната површина може да биде рапава или во вид на јазолчиња.

Лекувањето е многу тешко и најчесто со слаби резултати. Хемангиомите што се со мали димензии се отстрануваат хируршки со локална пластика и притоа не остануваат големи лузни и дефекти. Кај поголемите хемангиоми, по оперативното отстранување, остануваат лузни. Затоа лекувањето се комбинира во два дела - прво се врши склерозација на промената за да се намали нејзината површина и волумен, а потоа се отстранува хируршки. Комбинираното лекување според светските студии е најдобро и дава добри резултати.

Најсовремен метод за отстранување на хемангиомите, кои зафаќаат големи предели од телото (со интензивна модросина боја), е ласерот.

Кавернозните хемангиоми, кои имаат формирани венски структури во вид на шуплини, најчесто имаат модра до виолетова боја. Тие се издигнати над површината на кожата и имаат форма на топчиња, кои се меѓусебно преплетени. Најчесто се јавуваат на главата и вратот и на други места. Се создаваат со раѓањето и растат како што се оформува телото.

Лекувањето е сложено - радикално хируршко отстранување на промената и локална пластика на дефектот при што формирањето на лузни е минимално.

Нова терапија против хемангиоми

Новата терапијата против хемангиомите, француските научници ја откриле случајно, во пролетта 2007 година, кога кај едно бебе заболено од хемангиом и лекувано со кортикотерапија, дошло до срцеви компликации. Лекарите тогаш, за лекување на срцевите компликации кај бебето, препишале терапија со бета блокатори, која се покажала делотворна и против хемангиомот.

Професорот Ален Тајеб, шеф на одделот за педијатриска дерматологија при Унверзитетот во Бордо, истакнал дека хемангиомот кај бебето почнал да се повлекува еден ден по почетокот на примањето на терапијата со бета блокатори и потполно се повлекол за неколку недели.

Тајеб истакнал дека се работи за револуционерно откритие.

Со бета блокаторите, кои обично се користат за лекување на зголемен крвен притисок, од пролетта 2007 година, во Бордо се лекувани околу 60 бебиња со хемангиом.

Терапијата со бета блокатори многу ретко давала несакани ефекти. Лекувањето со бета блокатори може, во некои слуачаи, да предизвика хипогликемија (намалено ниво на шеќер во крвта) или астма, истакнале истражувачите.

Откритието на научниците од Бордо овозможи со помош на терапијата со бета блокатори да се излечат повеќе од 300 бебиња во светот со хемангиом.