• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Витамин Б6 - „диригент“ на сите витални функции

Витаминот Б6 го „контролира“ многу важниот процес во организмот, а тоа е изградбата на аминокиселините, а со тоа ја контролира и изградбата на сите протеински структури (клетките и ткивата) на организмот. Значи сè е под негова контрола. Тоа значи дека под негова контрола се и хормоните, т.е. другите важни „диригенти“ во функционирањето на телото. Не треба да се заборави дека и крвта е течно ткиво, односно протеинска структура за која е, исто така, потребен витаминот Б6.

Како делува витаминот Б6?

Без витамин Б6 нема протеини, без протеини нема хормони, а без хормони сите функции во организмот се доведени во прашање. Да ги спомнеме само серотонинот, допаминот и мелатонинот, кои заедно го регулираат биолошкиот часовник, спиењето, когнитивната функција, чувствата и однесувањето. Витаминот Б6 учествува во изградбата на неколку невротрансмитери (материи кои овозможуваат пренос на нервните импулси). Недостатокот на витаминот Б6 доведува до невролошки и психолошки пореметувања.

Поради своите важни функции во организмот, витаминот Б6 се користи кај аутизам, целијакија, депресија, покачен холестерол, висок хомоцистеин, при бубрежни каменчиња, астма, атеросклероза, предменструален синдром, а им се препорачува и на активните спортисти и при други состојби.

Иако дефицитот на витаминот Б6 е редок, тој се карактеризира со пад на имунитетот, оштетувања на кожата и со конфузија. Дефицит на витаминот Б6 може да се јави при некои заболувања на цревата при кои е ограничена апсорпцијата на овој витамин или при давање на некои лекови (изониазид). Клиничките манифестации на недостатокот на витаминот Б6 се: грчеви,анемија, дерматит, црвен јазик и др.

Каде го има витаминот Б6?

Најдобри извори на витамин Б6 се: компирот, бананите, грозјето, житариците, црниот дроб, месото од мисирка и туната.

Дозирање и токсичност

Препорачаната дневна количина (RDA) на витаминот Б6 изнесува 2 mg, а максималниот дневен сигурносен внес (upper safe level) е 200 mg. Најчеста доза за витаминот Б6 како суплемент е 10 до 25 mg дневно. Но, при некои посебни состојби се препишуваат и „мега“ дози од 200 до 500 mg дневно. Иако за возрасните т.н. сигурна доза е 200 mg витамин Б6 дневно, трудниците не би смееле да користат повеќе од 100 mg дневно. Дури и во тие дози, во некои случаи, се јавуваат главоболки и мачнина. Секое земање на витамин Б6 над 200 mg дневно подолго од 2 месеци би трбало да биде во консултација со лекар.

Витаминот Б6 е токсичен во големи дози, па можни се многу непријатни оштетувања на сензорните центри. Како последица на тоа оштетување се јавуваат пореметувања во движењето и во допирот.

 

Прочитајте и: