• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Ни требаат ли витамински додатоци?

Витамините и минералите, кои ги внесуваме со храната, се многу важни за правилното функционирање на организмот. Тие учествуваат во сите биохемиски процеси во организмот. Брзото темпо и модерниот начин на живеење често не остава доволно време за правилна и здрава исхрана, а тоа доведува до појава на замор, недостаток на енергија, а често и до други потешкотии и пореметувања на здравјето. Поради тоа, понекогаш доаѓа до недостаток на одредени витамини во организмот, кој треба да се надокнади со витамински суплементи.

Но, при земање на било кои витамини, потребно е многу да се внимава. Прекумерното внесување може да ја наруши природната рамнотежа на хранливите материи, додека пак, некои витамини (A,D,E и K) можат да бидат и токсични. Сепак, повеќето од нив се раствараат во вода и организмот ги излачува со мочката.

Британските научници дури објавиле и предупредување во кое нагласиле дека редовното земање на некои витамински додатоци може да предизвика и одредени здравствени проблеми. Тие истакнуваат дека најголемиот проблем е во неумереното земање на витаминските суплементи. Некои луѓе, не водејќи сметка за препишаните дози, ги земаат витаминските суплементи во многу поголеми количини отколку што му се потребни на организмот, тргнувајќи од претпоставката дека, ако витамините се добри за здравјето, тогаш колку повеќе се земаат, толку е и подобро. Тоа, се разбира, не е точно. Посебно внимание би требале да обрнат жените за време на бременоста или лицата кои земаат и други лекови.

Сепак, некои нутриционисти тврдат дека витаминските суплементи се нужни. Така Dr. Ann Walker од Британскиот здравствен информативен центар за витамински суплементи вели: „Витамините, минералите и диететските суплементи не само што имат докажани здравствени предности, туку се и нужни за одржувањето на здравјето, посебно во денешно време кога многу луѓе имаат лоши навики во исхраната, поради кои, и постои недостаток на есенцијални витамини и минерали“.

Но сепак, пред да земете некој витамински додаток, најдобро е да се консултирате со вашиот лекар или нутриционист, кој врз основа на вашите лични потреби и навики во исхраната ќе утврди кои витамини ви се потребни и се најдобри за вас, а воедно ќе ја одреди и нивната дневна доза. Секое земање на повисока доза од препишаната, може да имa обратен ефект, односно да доведе до нарушување на здравјето.

 

Прочитајте и: