• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Карлична воспалителна болест Печати

Карлична воспалителна болест е термин кој се користи за да се опише било која инфекција на долните женски полови органи, која се шири нагоре кон горните полови органи на жената. Во долните полови органи на жената спаѓаат вагината и вратот на матката. Горни репродуктивни органи се телото на матката, јајцеводите и јајниците.

Карличната воспалителна болест е најчеста и воедно најсериозна последица на сексуално преносливите болести кај жената. Сексуално активните жени на возраст меѓу 15 и 25 години имаат највисок ризик за да развијат карлична инфламаторна болест. Сепак болеста може да се јави, иако значително поретко, и кај жени кои имаат само еден сексуален партнер.

Најсериозна компликација на карличната воспалителна болест е зголемен ризик од губење на плодноста кај жената и појава на бременост со плод надвор од матката (најчесто во јајцеводите) т.н. ектопична бременост.

За да се разбере карличната воспалителна болест, од корист е да се разберат основите на воспалението. Воспалението е одговор на телото кон патогените микроорганизми. Зафатениот дел на телото со воспаление може да отече како резултат на насобирање течност во ткивото или може да поцрвени како резултат на прекумерно насобирање на крв. Може да дојде до насобирање на воспалителен секрет, гној, кој се состои од насобрани бели крвни клетки и оштетено мртво ткиво. На крај доаѓа до формирање на лузна како резултат на растење на сврзно ткиво на местото на, со воспаление, оштетеното ткиво. Ова лузнесто сврзно ткиво доведува до меѓусебно затегање и зближување на органите еден до друг, односно се развиваат т.н адхезии.

Кои се причини за појава на карлична воспалителна болест?

Постојат повеќе фактори кои го зголемуваат ризикот за појава на пелвична воспалителна болест:

  • Возраст. Појавата на КВБ е многу почеста кај помлади жени, а со стареење ризикот од КВБ се намалува.
  • Социо - економски статус. Најчесто се појавува кај жените од посиромашните социјални слоеви поради недостаток на образование и свесност за сопственото здравје и болестите.
  • Употреба на одредени форми на контрацепција. Вештачки абортус, употреба на спирала, не користење на кондоми и често практикување на вагинални испирања и триења, се поврзани со зголемен ризик за развој на КВБ.
  • Ризичен животен стил. Злоупотреба на дрога и алкохол, прво сексуално искуство во раната младост, голем број на сексуални партнери и пушење, се поврзани со зголемениот ризик од појава на КВБ.
  • Посебни сексуални навики. Сексуален однос за време на менструација како и претерано чести сексуални односи во краток временски период создават повеќе можности за пристапување на патогените микроорганизми кон внатрешноста на матката.
  • Присуство на сексуално пренослива болест. 60% до 75% од случаите на КВБ се поврзани со постоење на сексуално пренослива болест.

Двата најчести предизвикувачи на полово преносливи болести се Neisseria gonorrhoeae , која предизвикува гонореја или трипер и Chlamidia trachomatis. Главниот симптом на гонореата е појава на слузест и гноен вагинален исцедок.

Инфекцијата со кламидија или други бактерии обично дава многу поблаги или воопшто не дава никакви симптоми.

Иако карличната воспалитена болест не е вообичаена кај жени кои не се сексуално активни, патогени микроорганизми поинакви од гонококот (предизвикувач на гонореа) и кламидија можат повремено да навлезат во горните репродуктивни органи и да предизвикаат пелвична воспалителна болест.

Нормално вратот на матката (цервикс) продуцира цлузав секрет кој служи како бариера за патогените микроорганизми (бактериите) да не можат да продрат нагоре во матката и од таму кон јајцеводите и јајниците. Оваа природна бариера може да ослабни на два начина:

Сексуално пренослив патоген микроорганизам ја напаѓа слузницата од вратот на матката и на тој начин си овозможува влез во погорните репродуктивни органи.

Друг начин за да продрат бактериите е да настане повреда или промена на тој дел од матката. Пораѓај, спонтан или вештачки абортус, или употреба на спирала во матката како средство за контрацепција се состојби кои можат да ја изменат и ослабат слузокожата на вратот на матката, правејќи ја на тој начин склона кон продор на инфекции најчесто со повеќе различни микроорганизми истовремено.

За време на менструалните крварења, отворот на вратот на матката се проширува и може да им дозволи влез на патогените микроорганизми особено ако во тој период се практикуваат сексуални односи.

Скорешните докази покажуваат дека бактериската инфекција на вагината наречена бактериска вагиноза може да резултира во карлична воспалителна болест. Присуството на вакви патогени бактерии во вагината во услови на една мала повреда на вратот на матката како резултат на сексуален однос, менструација, пораѓај, се доволни за да овие бактерии продрат во матката. а од таму и во јајцеводите, водејќи кон појава на карлична воспалителна болест.

Кои се симптомите на карлична воспалителна болест (КВБ)?

Најчестиот симптом на карличната воспалителна болест е карлична болка (болка локализирана во долниот дел на стомакот. Како и да е многу жени кои имааат КВБ имаат само слаби тегоби така што воопшто не се свесни дека имаат инфекција на гениталиите во карлицата.

При нагло (акутно) воспаление на јајцеводите (стучно наречено акутен салпингитис), доаѓа до нивно отекување така што истите стануваат болно осетливи за време на бимануелниот гинеколошки преглед. Покрај болка често пати може да биде присутна и покачена температура со трески.

Воспалението може да напредува до насобирање гној во јајцеводите, јајниците или во околната карлична празнина. Гној може да протече кон стомачната празнина па да дојде до инфекција и воспалување на стомачната марамица што претставува по живот опасна состојба за која често е потребна хируршка интервенција.

Акутното воспаление на јајцеводите доколку не се лекува може да премине во хронично, а кое се карактеризира со формирање на лузни и зтегање на гениталните органи што од своја страна се манифестира со хронична долготрајна болка и неправилни менструации. Како резултат на блокирање на јајцеводите со сврзно, лузнесто ткиво, жените со хронично воспаление на јајцеводите имаат голем ризик од ектопична бременост (бременост при која плодот наместо во шуплината на матката се вгнездил во тесниот јајцевод при која постои реална опасност од пукање на јајцеводот со растење на плодот).

Како се поставува дијагнозата на карличната воспалителна болест?

Доколку се сомнева на пелвична воспалителна болест, лекарот ќе инсистира на комплетно испрашување околу самиот почеток и тек на болеста како и на постоење претходни заболувања. Потоа неопходен е вагинален преглед со посебен акцент на испитување на карличните органи при бимануелниот гинеколошки преглед. Неопходно е да се направат соодветни испитувања за да се отфрли можноста за постоење воспаление на слепо црево или ендометриоза, состојби кои исто така се проследени со карлична болка. Доколку при бимануелниот вагинален преглед се покаже дека постои болка во пределот на карлицата или особено болка при придвижување на вратот на матката, тогаш постои голема веројатност за присутна карлична воспалителна болест.

Точна дијагноза тешко се поставува бидејќи карличните органи се тешко пристапни за испитување. Може да се искористи примерокот слузница земен од вратот на матката за да се идентификуваат бактериите кои ја предизвикале инфекцијата.

Два теста од крв можат да покажат дали е присутно воспаление а тоа се седиментација на еритроцити и мерење на т.н. Ц реактивен протеин.

Дијагноза може да се постави со помош на лапароскопија (преку мал отвор на долниот дел на абдоменот се внесува камера и посебен инструмент со кој се зема примерок од карличните органи), но самата постапка е поскапа и поинванзивна и носи одреден ризик за самиот пациент.

Една понова дијагностичка метода која за сега е достапна само во поопремените лабаратории е т.н. лигаза верижна реакција со која преку мокрачата на жената многу прецизно се открива инфекција со гонокок или кламидија кои се воедно најчести сексуално преносливи микроорганизми кои предизвикуваат карлична воспалителна болест.

Како се лекува болеста?

Општи препораки се:

  • Лежење во кревет. Пациентките треба да се одмараат и да ги намалат физичките активности за да му помогнат на телото да се опорави побрзо.
  • Да се избегнува сексуална активност. Обата партнера треба да се лекуваат при постоење сексуално пренослива болест. При тоа треба да се воздржат од сексуални односи се додека не се илечат целосно од инфекцијата.
  • Здрава исхрана. Исхраната треба да вклучи консумирање свежо овошје и зеленчук. Овие содржат голема количина на фитоелементи и витамини кои му помагаат на телото да зајакне и го стимулираат имунитетот да се бори со инфекцијата.

Медицински третман

Ако постои сомнение за акутно воспалени јајници, веднаш треба да се започне со антибиотска терапија. Лекувањето се состои во земање барем два антибиотика со широк спектар на делување кои можат да ги уништат и гонококите и кламидиите плус другите типови на бактерии кои имаат потенцијал да предизвикат инфекција.

Лекувањето на хронична пелвична воспалителна болест може да бара и целосно отстранување на матката (хистеректомија).

Доколку кај жена се открие пелвична воспалителна болест неопходно е да се почне со лекување и на нејзиниот сексуален партнер како не би дошло до повторна инфекција кај неа.