• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и фактори на ризик за рак на мочен меур (bladder cancer) PDF Печати
Среда, 11 Јуни 2008 05:28
Индекс на артикл
Причини и фактори на ризик за рак на мочен меур (bladder cancer)
Страна 2
Страна 3
Сите страници

Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на мочниот меур  (bladder cancer, carcinoma vesicae urinariae), причините за неговото јавување не се познати.

Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест. Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои луѓе. Некои фактори, како што се пушењето, исхраната, изложеноста на хемиски канцерогени супстанции, животната средина (град, село) можат да се контролираат и со тоа да се намали ризикот од настанување на карциномот.

Но, други фактори како што се возраста, полот, расата, генетската предиспозиција (присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив.

Присуството на фактор на ризик, па дури и повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на ова малигно заболување. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да за¬болат од карцином на мочниот меур. Од друга страна, пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.

Постојат повеќе фактори на ризик за настанување на карциномот на мочниот меур.

Фактори на ризик

Фактори на ризик поврзани со начинот на живеење и животните навики:

  • Пушење
  • Исхрана
  • Одделни занимања (фактори од работната средина во канцерогенезата-хемиски канцерогени)
  • Животна средина

Други фактори на ризик

  • Возраст.
  • Пол.
  • Раса.
  • Вирусни заболувања.
  • Паразитни заболувања.
  • Хронични иритации и инфламации.
  • Калкулоза (каменчиња) во мочниот меур, бубрежната карлица и уретерите.
  • Ендемска нефропатија.
  • Генетска и имунолошка предиспозиција.
  • Историја за претходен карцином на мочниот меур.
  • Вродени малформации (дефекти).

Фактори на ризик поврзани со начинот на живеење и животните навики

Пушење

Пушењето е најголем и најважен фактор на ризик за настанувањето на карциномот на мочниот меур. Забележена е висока фрекфенција на карциноми на мочниот меур кај лица кои пушат повеќе од 25 цигари дневно. Врската меѓу пушењето и овој карцином не е јасна, но во димот на цигарите има мали количини на beta-naftilamin, додека во мочта на пушачите зголемена е концентрацијата на некои метаболити на триптофанот, за кој се знае дека е канцероген.

Пушачите имаат два пати поголем ризик да заболат од карцином на мочниот меур од непушачите.

Со престанок на пушењето се намалува и ризикот од настанување на ова малигно заболување.

Исхрана

Утврдено е дека карциномот на мочниот меур почесто се јавува кај лица кои во својата исхрана внесувале повеќе пржена храна, црвено месо, животински масти, а малку овошје и зеленчук.

Лица кои во својата исхрана вклучуваат повеќе овошје и зеленчук, а помалку масна храна и црвено месо, имаат помал ризик да заболат.

Фактори од работната средина во канцерогенезата (хемиски канцерогени)

Многу студии потврдиле дека работниците во хемиската индустрија имаат дури 30 пати поголем ризик да добијат карцином на мочниот меур. Најчеста хемиска материја која може да предизвика карцином на мочниот меур е анилинот и неговите продукти на распаѓање.

Во 1985 год. Rehn забележал дека работниците во индустријата за бои имаат поголем процент на карцином на мочниот меур од останатата популација и оттогаш се откриени 4 хемиски индустриски канцерогени материи: 4 amino-diphenyl, naphtylamin, benydin и 4-nitrodiphenyl.

Но, се смета дека ароматските амини може да се создадат и по природен пат во човечкиот организам и да предизвикаат карцином на мочниот меур. Така во човечката мочка е идентифициран 3 orto-aminofenol, кој го има во многу поголема концентрација кај болни со карцином на мочниот меур.

Денес се смета дека 2600 хемиски материи имаат канцерогено дејство. Меѓу нив и многу лекови и тоа: сахарин, цикламати, кофеин, фенецетин, триптофан (откриен во воздухот на индустриските центри и чадот на цигарите).

Се смета дека канцерогените материи достигнуваат во мочниот меур уриногено (со мочта) и хематогено (преку крвта). Овие тумори се јавуваат најчесто на вратот и тригонумот на мoчниот меур и се резултат на контактот на слузницата со мочта. Дека канцерогените материи достигнуваат и хематогено покажува фактот да овие тумори се најчести на тригонумот каде што и васкуларизацијата е најбогата. Туморите на мочниот меур најчесто се јавуваат кај вработените во индустријата за бои и лакови, катран, каучук, бензин, смола и гас. Поретко во текстилната и крзнарската индустрија и кај некои професии: молери, машински работници и други.

Канцерогените материи се смета дека се екскретираат преку мочта и директно дејствуваат на мукозата на уроепителот. Латентниот период од атакот до појавата на туморот се смета дека изнесува 18 години, а според некои автори и 40 години.

Животна средина

Утврдено е дека туморите на мочниот меур се почести кај градското одколку кај селското население. Објаснувањето се бара во честотата и интензитетот на контактите меѓу луѓето и канцерогените супстанции од околината (животната средина), а јасно е дека таквите контакти се поизразени во градските средини.


Други фактори на ризик

Возраст

Ризикот од појава на карцином на мочниот меур се зголемува со возраста. Така, после 40 год. тој станува почест, а максималната зачестеност се јавува во втората половина на шесттата и во седмата деценија од животот. Заболувањето најчесто се јавува по 65 год. од животот. Според студиите, дури 80% од болните се постари од 60 години.

Пол

Карциномот на мочниот меур се јавува почесто кај мажите отколку кај жените. Тој однос изнесува 3:1 во корист на мажите. Точната причина за почестото јавување на болеста кај мажите не е позната.

Раса

Како ризичен фактор за настанување на карциномот на мочниот меур се наведува и белата раса. Малигните тумори на мочниот меур почести се кај белата отколку кај другите раси.

Особено често се јавува во: Јужна Африка, Англија, Велс, Шведска, Данска.

Вирусна теорија за етиологијата

Вирусната теорија за етиологијата на туморите на мочниот меур постои повеќе од 70 години. Се смета дека некои вируси можат да делуваат канцерогено и да го зголемат ризикот од појава на карцином на мочниот меур. Сепак вирусната теорија не е со сигурност докажана.

Паразитни заболувања

Некои паразитни заболувања може да доведат до малигна трансформација на клетките на преодниот епител на мочниот меур. Така шизостозомијазата во мочниот меур или уретерот може да доведе до развој на карцином. Јајцата на паразитот кои се наоѓаат во мочниот меур и уретерот дејствуваат механички и хемиски врз преодниот епител и како резултат на таа постојана иритација доаѓа до малигна пролиферација на клетките и до појава на карцином.

Хронични иритации и инфламации

Како фактори на ризик се сметаат и хроничните иритации и инфламации на преодниот епител на мочниот меур како можен стимулус за негово малигно менување (гландуларен цистит и леукоплакија).

Калкулозата (каменчиња) на пиелонот (бубрежна карлица) може да се комплицира со појава на карцином.

Ендемска нефропатија

Болните со ендемска нефропатија добиваат тумор на мочниот меур многу почесто од другите луѓе. Ова се однесува на тумори во пиелонот (бубрежна карлица) и уретерите, кои се за 40% почести, отколку оние во мочниот меур.

Генетска и имунолошка теорија за етиологијата

Постојат и имунолoшки аспекти за појавата на туморите на мочниот меур. Се смета дека постојат вродени, ендогени-индивидуални карактеристики на домаќинот кои се одговорни за настанување на овие тумори. Според најновите испитувања, се работи за генетски одредена особина која се крие во неговите наследни фактори, крвните групи, клеточните мембрани и на антигениот систем. Веќе подолго време се знае дека малигната пролиферација е клеточен проблем и дека тој претставува дефект во генетскиот материјал, кој се пренесува наследно од една клеточна генерација на друга. Секој тумор има свој специфичен антиген. Антигените на туморот може да се појават спонтано, после случајни мутации и преуредување на гените или, пак, да бидат индуцирани од различни хемиски, физички и вирусни канцерогени.

Историја за претходен карцином на мочниот меур

Лица кои веќе имале карцином на мочнниот меур порано во својот живот имаат поголем ризик за развој на друг карцином отколку оние лица кои никогаш не заболеле од оваа малигна болест.

Вродени малформации (дефекти)

Некои луѓе се раѓаат со видливи или невидливи дефекти кои го поврзуваат нивниот мочен канал со друг орган во абдоменот со што мочниот меур е постојано изложен на инфекција. Континуираното дразнење на слузницата на мочниот меур ја зголемува нејзината осетливост која може да доведе до појава на клеточни абнормалности кои водат кон развој на карцином.