• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Бордерлајн (borderline) тумори на јајчникот (БОТ) Печати

Бордерлајн туморите на јајчникот (БОТ) се епителни тумори со низок малиген потенцијал. Тие сочинуваат 5-20% од сите тумори на јајчникот. Најчесто се тоа тумори од серозен тип со унилатерална локализација (само во едниот јајчник), додека билатералните бордерлајн тумори на јајчникот (во двата јајчника) се од муцинозен тип и можат да се сретнат во само 6% од пациентките. Овие тумори имаат тендиција да се јавуваат кај млади пациентки и често се дијагностицираат во пораните стадиуми, отколку што е тоа случај со инвазивните епителни карциноми на јајчникот.

Во околу 50% од случаите, бордерлајн туморите на јајчникот се дијагностицираат случајно, односно без да постои јасна и убедлива симптоматологија, која би можела да укаже на постоење на тумор на јајчникот. Но, и покрај тоа, пациентките може да имаат различни симптоми како што се: болка во абдоменот, чувство на исполнетост во стомакот, пореметен менструален циклус, потешкотии при мочањето (печење при мочање, често мочање), како и примарен стерилитет.

Парцијалната (делумната) ресекција на јајчникот, како една од можностите за терапија на БОТ, е пропратена со ризик од рецидивирање (повторно јавување) на туморот. Рецидивите се јавуваат кај 4,6% случаи, иако овој процент може да биде и многу поголем кај туморите со висок хистолошки градус (лошо диференцирани тумори - G3). Опишани се случаи на рецидивирање на туморот и после 20 години од поставувањето на првичната дијагноза и терапијата со парцијална ресекција на јајчникот. Најмал процент на рецидиви на БОТ е забележан кај серозните типови на туморот.

Прогнозата на бордерлајн туморите на јајчникот е значително поповолна во споредба со прогнозата на малигните тумори на јајчникот. 5–годишното преживување на пациентките со бордерлајн тумори на јајчникот изнесува околу 95%, додека 5–годишното преживување на пациентките со малиген тумор на јајчникот изнесува само 25-30%

Во приближно 15% случаи на БОТ, се забележува малиген тек на болеста. Во овие случаи, туморите може да се прошират во околните структури и ткива и да метастазираат, дури и кога не покажуваат јасна хистопатолошка слика за инвазивен тумор на јајчник.

Поради нискиот малиген потенцијал, можноста за рецидивирање и високата честота на јавување на бордерлајн туморите кај младите жени, сеуште не е направена јасна стратегија за хируршката терапија на БОТ.

Основните принципи, според кои треба да се одреди радикалноста на хируршкото лекување на БОТ, се: возраста на пациентката, желбата на пациентката за потомство, хистолошкиот градус и тип на бордерлајн туморот на јајчникот.

Од овие причини, ултразвучната дијагностика, одредувањето на специфичниот туморски маркер CA 125 и „ex tempore“ хистолошката дијагностика, се основни показатели за одредување на оптималната радикалност на хируршката терапија.