• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Вегетаријанската исхрана во превенција на малигните заболувања

Вегетаријанската исхрана подразбира исхрана во која се користат намирници од растително потекло, млеко и млечни производи, а ги исклучува месото и месните производи.

Самиот збор вегетаријанство потекнува од латинскиот збор „VEGETUS” што значи здрав или природен. Вегетаријанството била првата исхрана која се користела во историјата на човекот. Овошјето, зеленчукот, житариците, јатчестото овошје ни пружа најздрава исхрана.

Малигните заболувања се убиец број 2 во современиот свет, веднаш по кардиоваскуларните заболувања. Тоа што загрижува е што малигните заболувања се во постојан пораст. Постои опасност да малигните заболувања избијат на прво место по честота на јавување и да, во скоро време, станат убица број 1 кај човекот. Исто така, се забележува дека се почесто од рак заболуваат деца и млади луѓе.

Постојат многу начини со кои би можел да се спречи ракот.

Во САД се проценува дека околу 35% до 60% од сите смртни случаи од рак може да се препишат на лошите навики во исхраната.

Најмалата инциденца (честота) на малигните болести е во Индија, на Тајланд и во Кина. Само во Индија има преку 500 милиони вегетаријанци.

Долгогодишните испитувања кај вегетаријанците покажале дека тие, генерално, поретко заболуваат од сите видови на малигни болести.

Вегетаријанците во однос на невегетаријанците имаат помала честота на рак на дебело црево, на дојка, на простата, на бели дробови, на мочен меур.

Растителната храна содржи супстанции кои имаат превентивно-тераписко дејство на малигните болести. Превентивното-тераписко дејство на растителната храна се должи на присутните антиоксиданси (витамин Ц, Е, бета-каротин, селен, цинк, коензим Q, глутатион) во овошјето, зеленчукот, житариците и мешукнастите плодови.

Растителната храна содржи и фитохемикалии, кои делуваат на два начини. Тие, од една страна, ги блокираат соединенијата на канцерогените агенси, спречувајќи го нивното делување врз нормалните клетки, и од друга страна, тие се супресивни соединенија кои делуваат на изменетите клетки, спречувајќи ги да преминат во малигни клетки. Фитохемикалиите ги има во разните видови на зеленчук: зелка, кинеска зелка, кељ, карфиол, брокула, репка, келераба, рен, ротква и друг зелковиден зеленчук. Овие намирници содржат индоли, супстанции кои го намалуват нивото на серумскиот естроген. Се смета дека ракот на дојката настанува поради зголемена стимулација на дојката со естрогените (женските полови хормони). Истражувањата покажале дека вегетаријанците имаат пониско ниво на естроген во серумот и мочката.

Градежен материјал за сите полови хормони и за естрогенот е холестеролот. Ако холестеролот се внесува во поголеми количини во организмот, тогаш во надбубрежните и половите жлезди се ствара поголема количина на хормони, а со тоа се зголемува и шансата за развој на рак.

Сојата содржи фитоестрогени кои имаат антиканцерски ефекти кога е во прашање ракот на дојката, на простатата, на дебелото црево, а белите дробови и на желудникот. Изофлавоните на сојата го имитираат дејството на тамоксифенот (лек кој се дава кај хормонско- зависен рак на дојка).

Диететските влакна се исклучиво состојки на растителната храна. Месото, млекото и јајцата не содржат растителни влакна. Најбогати извори на диететски влакна се: овошјето, зеленчукот, посебно мешункастиот зеленчук, интегралните житарици. Тие ја врзуваат водата и на тој начин ги разредуваат канцерогените материи во столицата, истовремено забрзуавајќи ја пасажата на цревата, а со тоа и намалувајќи го времето на контакт на канцерогените материи со слузницата на дебелото црево.

Одсуството на димени намирници во вегетаријанската исхрана (шунка, кобасици и животински масни киселини) допринесува за превенција на ракот на дебелото црево.

Термички преработеното месо содржи канцерогена материја бензопирен, која се наоѓа на површината на местото. Во еден килограм шницли има бензопирен еднакво на количината на бензопирен присутна во 600 цигари.

Лукот и кромидот го стимулираат имунолошкиот систем кај човекот и помагаат во борбата против ракот. Ахоинот, состојката која ја има во лукот, е токсична за малигните клетки. Сулфурните соединенија кои ги има во лукот ја зголемуваат активноста на макрофагите и Т – лимфоцитите, кои се природни убици на малигните клетки. Лукот како природен антибиотик ги уништува бактериите, кои учествуваат во стварањето на ракот на дебелото црево.

Исто така, лукот делува и на бактеријата Helicobacter pylori, која доведува не само до чир во желудникот, туку и која учествува во настанувањето на ракот на желудникот.

Најновиот став на водечките светски стручњаци гласи: „Добро испланираната вегетаријанска исхрана е погодна за сите стадиуми на човековиот циклус, вклучувајќи ја бременоста, периодот на доењето, детството“.

Вегетаријанската исхрана, освен за превенција на малигните заболувања, може да биде корисна и за превенција на многу други заболувања, како што се: кардиоваскуларните болести, високиот крвен притисок, срцевиот инфарк, мозочниот удар, шеќерната болест, остеопорозата, ревматскиот артирит, каменот во жолчката и мочните патишта, деменцијата итн.

 

Прочитајте и: