• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Дознајте се за хепатитот Ц познат и под името „тивка епидемија“ - Како хепатитот Ц делува на црниот дроб? Печати
Индекс на артикл
Дознајте се за хепатитот Ц познат и под името „тивка епидемија“
Како хепатитот Ц делува на црниот дроб?
Како се добива хепатит Ц?
Превенција
Сите страници

Како хепатитот Ц делува на црниот дроб?

Црниот дроб (хепар) е најголем орган во нашето тело. Се наоѓа на горната десна страна на абдоменот, позади ребрата. Се состои од два дела т.н. лобуси: десен и лев.

Црниот дроб има бројни и многу важни животни функции, кои се битни за одржување на здравјето на човекот. Тој е еден вид на филтер на организмот, бидејќи ги отстранува токсините (штетните материи) и другите непотребни материи кои се создаваат во текот на метаболните процеси во организмот, а кои се влеваат во крвта. Во црниот дроб се прочистуваат отровните материи од крвта.

Со еден збор, хепарот е „чистач“на крвта, односно на целиот човечки организам. Здравиот црн дроб прочистува околу 540 литри крв дневно.

Црниот дроб, исто така, складира хранливи материи, како на пример одредени витамини, минерали и железо и има важна улога во создавањето и контролирањето на одредени хемикалии и протеини во телото, како што се холестеролот, хормоните и шеќерите. Тој е важен за регулирање на шеќерот и холестеролот во крвта, како и за синтеза на повеќе белковини кои циркулираат во крвта.

Црниот дроб помага и во варењето на храната, создавајќи супстанција наречена жолчка. Така, една од важните функции на црниот дроб е и продукцијата на жолчка, која е неопходна за разградување на мастите, а помага и во апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја тука и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К. Жолчката се складира во жолчното кесе и се излачува во почетниот дел на тенкото црево (дуоденум), при процесот на варењето на храната. Така жолчката помага во разградувањето, односно варењето на храната.

Вирусот на хепатитот Ц ги напаѓа клетките на црниот дроб (хепатоцитите). Вирусот ги користи хепатоцитите како свој домаќин, за да може да преживее и да се размножува. Организмот обидувајќи се да се одбрани од вирусот на хепатитот Ц, почнува да создава и испраќа лимфоцити (бели крвни зрнца) во црниот дроб, а тоа доведува до воспаление на црниот дроб.

Воспалението е вообичаена реакција на телото на присутната инфекција, но токму таа одбрамбена реакција на телото, со тек на време и преку одредени супстанции кои ги ослободуваат одбрамбените клетки на телото т.е. лимфоцитите, може да ги оштети и клетките на црниот дроб, односно хепатоцитите.

Кога доаѓа до оштетување на хепатоцитите, тие неможат нормално да функционираат и изумираат. Некои од оштетените хепатоцити можат да се обноват, репарираат, но поголемото оштетување на хепатоцитите може да доведе до фиброза (создавање на нефункционално, дегенирирано ткиво) на црниот дроб. Фиброзата ја намалува способноста на црниот дроб да ја филтрира крвта и да ги неутрализира и елиминира отровите. Со тоа се намалува детоксикацијата на некои отровни материи во крвта.

Терапијата може да помогне и таа го спречува понатамошното оштетување на црниот дроб или ја успорува прогресијата на болеста. Но, колку терапијата подолго време се одложува, поголема е веројатноста за појава на значајни и трајни оштетувања на црниот дроб.

Како што напреднува болеста, така се зголемува фиброзата на црниот дроб. Ова цврсто дегенеративно, нефункционално ткиво постепено заменува сè поголем дел од функционалното ткиво на црниот дроб, односно заменува сè поголем дел од хепатоцитите, кои изумираат. На местото на изумрените хепатоцити, се ствара фиброзното ткиво. Ова заболување се вика цироза.

Цирозата сериозно ја намалува нормалната функција на црниот дроб. Резултат на тоа е појава на бројни пореметувања во метаболизмот. Така, црниот дроб нема да биде во состојба да создава доволно жолчка, која е потребна за нормалното варење на храната. Намалената количина на жолчка ќе ја поремети и апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К.

Доколку е оштетен црниот дроб, постојат неколку важни чекори, кои треба да се превземат, со цел да се заштитат здравите клетки на црниот дроб.

Важни чекори кои треба да е превземат при оштетување на црниот дроб:

  • Избегнување алкохол
    Црниот дроб го третира алкохолот како отровна супстанција и, како таква тој тежнее да ја отстрани од организмот, односно од крвта, преку која алкохолот и доспева до црниот дроб. Кај лицата со хепатит Ц, алкохолот значително го зголемува оштетувањето на црниот дроб. Посебно е важно да се избегнува истовремено земање на алкохол и ацетаминофен (лек- аналгетик), бидејќи тоа може да доведе до дополнителни оштетувања на хепарот.
  • Јадење на здрава храна
    Кога хепарот е оштетен, телото не добива доволно хранливи материи. Затоа може да е присутен замор или општа слабост. Исто така, може да дојде и до губиток на апетит. Важно е да се задоволат дневните нутритивни потреби на организмот, за да може тој да обезбеди енергија за извршување на своите активности. Јадењето на здрава храна ја одржува и нормална телесна тежина на организмот.
  • Пиење на доволно вода
    Водата е од голема важност за нормалното функционирање на организмот. Таа е една од најважните супстанции во организмот, и не без причина се наоѓа на првото место во листата на најнеопходните состојки во организмот.
    Водата сочинува околу 70% од вкупната телесна тежина и тој процент мора константно да се одржува. Загубената вода постојано треба да се надоместува со секојдневно пиење на 1.5 до 2 литри вода.
    Таа се наоѓа во сите наши ткива, во клетките и околу нив, и учествува во сите телесни активности. Околу 93% од крвта се вода, течност којашто ја разнесува храната и другите потребни материи до секоја клетка, а ги прифаќа и ги исфрла отпадните материи од метаболизмот на нашето тело.
    Некои штетни материи внесуваме заедно со храната, со пијалоците и со лековите, но тие се внесуваат и преку кожата и органите за дишење. Потребна е вода да ги раствори и нив и, заедно со другите отпадни материи што се создаваат во целото тело, да ги пренесе до кожата, до белите дробови, до црниот дроб и до бубрезите кои ќе ги исфрлат надвор. Ако отпадните материи не се исфрлат од телото, тие предизвикуваат: замор, слабост, сонливост и сериозно го нарушуваат и го оштетуваат здравјето.
    Потребно е да се пие доволно вода за да се намалат и несаканите ефекти од терапијата.
  • Помалку сол во исхраната
    Кога станува збор за сериозни оштетувања на црниот дроб, телото испраќа сигнали во бубрезите, што доведува до тоа да тие ја задржуваат солта и водата. Солта се однесува како сунѓер, поради што доаѓа до задржување на течноста во организмот. Исхраната со малку сол може да помогне во намалувањето на задршката на течности во организмот.
  • Вакцинирање против вирусот на хепатит А и Б
    Кај лицата со хепатит Ц, инфицирањето со друг тип на вирус на хепатит може да предизвика уште поголеми оштетувања на црниот дроб. Иако не постои вакцина против вирусот на хепатит Ц, вакцината против вирусот А и Б може да ги заштити лицата од другите два вируси на хепатитот (А и Б).
  • Навремена и адекватна терапија
    Иако вирусот на хепатитот Ц може да доведе до дегенерација и воспаление на црниот дроб, терапијата обично помага. Дури и ако терапијата во целост не го уништи вирусот, таа го намалува воспалението и ја подобрува целосната состојба и функција на хепарот.