• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
ХИВ - СИДА Печати

Се проценува дека над 38 милиони луѓе во светот живеат со ХИВ или СИДА. Половината од новите случаи се млади луѓе од 15-24 години. Во некои делови на светот, стапката на инфекцијата со ХИВ и СИДА рапидно расте и СИДА-та претставува главна причина за заболување и смртност.

Во нашата земја инфекцијата со ХИВ сеуште не е така честа.

Што е ХИВ вирус - вирус на СИДА?

ХИВ е скратеница за хуманиот вирус на имунодефициенција (Human Immunodeficiency Virus). Тој го напаѓа имунолошкиот систем кај човекот, поради што организмот станува неспособен да се бори и против обичните инфекции.

Сида (синдром на стекнат недостатот на имунитет) или AIDS (Acquired Immuno-Deficiency Syndrome) е термин кој се користи кога имунолошкиот систем на едно лице е толку оштетен со ХИВ вирусот што бројот на крвните елементи за борба против инфекциите т.н. помагачи на Т лимфоцитите (CD4 клетки) паѓа од 800-1050 на помалку од 200 по милилитар на крв во крвотокот.

Пациентот е тогаш подложен на бројни инфекции и на крај умира како последица на болести, против кои неговиот имунолошки систем не може да се бори.

Инфекцијата со ХИВ води кон СИДА (синдром на стекната имунодефициенција). Ако некое лице е ХИВ позитивно, тоа значи дека крвниот тест покажува дека вирусот е присутен во организмот. Се додека вирусот не го нападне имуниот систем (понекогаш по многу години), тоа лице нема СИДА.

Преку што се добива ХИВ?

Сидата се добива ако една од овие заразени телесни течности дојде во допир со крвта:

  • крв,
  • семена течност,
  • вагинална течност,
  • мајчино млеко.

Најчести начини на пренесување:

  • било кој вид на сексуален однос, вклучувајќи го оралниот и аналниот,
  • заедничка употреба на било кој вид на игли, вклучувајќи ги оние за дрогирање, бушење на ушите и тетовирање,
  • трансфузија на крв,
  • во тек на бременост или доење, вирусот на ХИВ може да се пренесе на бебето.

ХИВ може да се пренесе со сексуален контакт (анален или вагинален), ако при тоа не се превземат мерки на заштита. Инфицирана сперма, вагиналните секрети вклучувајќи ја и менструалната крв може да навлезат преку мали гребнатинки (абразии) во организмот на партнерот.

Аналниот секс се смета за високо ризичен.

Вагиналниот секс носи ризици за пренесување на ХИВ преку семената течност или гениталниот секрет.

Оралниот секс е ризичен бидејќи ХИВ може да премине од вагиналниот секрет или семената течност во устата во која можеби има рагади или ранички.

Инфекцијата може да се пренесе преку употреба на заеднички игли бидејќи клетките кои го содржат вирусот може да се сеуште присутни на иглата, без да може да се видат.

За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или доколку тоа не е можно потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која поради било која причина се нарушува интакноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.).

Во минатото ХИВ можел да се пренесе и преку трансфузии. Од 1985 година, целокупната донирана крв и органи во нашата земја (и во други земји) се тестира на ХИВ и веќе не е можен преност на ХИВ на тој начин.

Жени кои се ХИВ позитивни може да го пренесат вирусот на нивните бебиња во тек на бременоста, породувањето или во тек на доењето.

Банките на сперма исто така се тестираат на ХИВ.

Преку што не може да се добие ХИВ?

ХИВ не се пренесува преку секојдневните социјални контакти. Сидата неможе да се пренесе:

  • преку ракување или допирање или преку обично бакнување на ХИВ позитивни лица,
  • преку убод на комарец или инсекти,
  • ако го делите домот со ХИВ позитивно лице,
  • ако работите или одите на училиште со лице кое е ХИВ позитивно,
  • ако донирате крв,
  • преку клозетски шољи, кваки на вратите или преку шољи за кафе.

ХИВ не може да живее долго надвор од организмот. Само по една минута престој надвор од организмот, ризикот за да се инфцирате со ХИВ е многу мал. Вирусот лесно се уништува со сапун и вода , обични дезифициенси или со сушење.

Како делува ХИВ во организмот?

ХИВ го напаѓа имуниот систем, чија улога е борба против инфекција и спречување на растот на повеќето карциноми. Кога ХИВ ќе го нападне имуниот систем, во организмот настанува борба помеѓу имуниот систем и ХИВ, која може да трае повеќе години. Вo тој период, инфицираните луѓе не чувствуваат никакви симптоми. Со поминување на времето, доаѓа до оштетување на имуниот систем и тој веќе не може да работи така добро како што работел (не може ефикасно да се брани од инфекции). Инфекциите стануваат потешки (на пример наместо обична настинка, таквото лице ќе добие пневмонија). Исто така, лицата заболени од сида имаат поголем ризик за развој на малигни заболувања. Се смета дека причината за вака зголемениот ризик е намалениот имунитет.

Како да знаете дали имате ХИВ?

Тестирање на крвта

Тестирањето на крвта ќе покаже дали се присутни антитела на ХИВ, односно дали некое лице е ХИВ позитивно – не постојат клинички знаци кои ќе ви укажат на тоа. Вакво тестирање кај нас може да се направи на Клиниката за инфективни болести.

По инфекцијата со вирусот, најчесто се потребни 2-3 месеци за да се создадат антитела, кои можат да се утврдат со тестот. Антителата на вирусот ХИВ, во поголем број на случаи, се откриваат по 6 до 12 недели по инфицирањето со ХИВ вирусот, а за 6 месеци се откриваат кај 95% од заразените лица.

Можно е, лицето да е инфицирано (да го има вирусот во организмот) пред да тестот на крвта го покаже тоа.

Третман на ХИВ

Сеуште нема ефикасен и специфичен лек, ниту вакцина за ХИВ.

Постојат многу лекови кои се користат во лекувањето на овој вирус. Тие го ублажуваат и забавуваат текот на болеста, но сеуште не постои лек или вакцина за целосно излекување од оваа болест Овие лекови имаат многу несакани ефекти.

Во последно време, во светот и во нашата земја се применуваат антиретровирусни лекови, кои имаат одредено влијание на вирусот.

На ова поле, во светот се работи многу и веројатно е дека во иднина ќе се создаде можност за уште поефикасно лекување.

Во меѓувреме, се применува терапија која овозможува инфицираните лица да останат здрави, колку што е можно подолго. За таа намена се даваат повеќе лекови, со кои се зајакнува имуниот систем.

Исхраната треба да е квалитетна а инфицираното лице треба да е физички активно.

Некои веруваат во алтернативните терапии, како масажа, реики и акупунктура.

Жените со ХИВ имаат намален имунитет и поради тоа полесно го прифаќаат HPV вирусот, кој од своја страна е одговорен за појавата на рак на грлото на матката. Научниците сметаат дека имуниот систем е одговорен за елиминацијата и забавување на прогресијата на канцерските клетки. Поради тоа, ракот на грлото на матката кај жени со истовремена ХИВ инфекција напредува многу побрзо од истиот кај жена со нормален имунитет. Покрај ХИВ и други состојби кои доведуваат до слабеење на имуниот систем, исто така се проследени со зголемен ризик за појава на рак на грлото на матката.

Лицата кои се заболени од сида имаат поголем ризик за развој на различни видови на карциноми.

Како да се превенира ХИВ инфекција?

Како превенција на ХИВ инфекцијата е практикување на безбеден секс со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од ХИВ инфекција преку сексуален однос. Не секој сексуален однос е со подеднаков ризик за ХИВ инфекција. Така, аналниот секс се смета за високо ризичен, вагиналниот секс носи ризици за пренесување на ХИВ преку семената течност или гениталниот флуид, додека оралниот секс е ризичен бидејќи ХИВ може да премине од вагиналниот флуид или семената течност во устата во која можеби има рагади или ранички.

Затоа, секогаш внимавајте на мерките на безбедност при сексуалниот контакт.

Никогаш немојте да користите заеднички игли или прибор за инјектирање. За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или доколку тоа не е можно потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која поради било која причина се нарушува интакноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.).

Треба да се внимава на пример ако некој крвари или со манипулацијата со медицинскиот отпад (игли).

ХИВ е заболување кое треба да се пријави во нашата земја. Тоа значи кога ќе се открие позитивен крвен тест, кој означува дека некое лице има ХИВ, тоа се пријавува во соответната служба во министерството за здравство. Се контактираат сексуалните партнери и им се даваат совети за безбеден секс.

Што е СИДА?

СИДА означува синдром на стекната имунодефициенција. Кога ХИВ долго време се борел со имуниот систем и тој се исцрпил, почнуваат да се јавуваат инфекции и други болести, со тешки последици за организмот и на крајот со смрт. Обично поминуваат повеќе години пред да настапи оваа фаза.

Кои се знаците за СИДА?

Најчестите знаци кои укажуваат дека ХИВ прогредирал во стадиум на СИДА вклучуваат:

  • ноќно потење- како резултат на ноќните температури,
  • постојано чувство на замор,
  • послабо помнење,
  • симптоми на грип, кои не поминуваат,
  • необјаснето нагло губење на телесна тежина,
  • бели печати во усната шуплина,
  • виолетови точки на кожата,

Важно: Луѓето со ХИВ вирус можат да бидат 8 до 10 години без никакви симптоми.

Симптоми на сидата кај жената

  • хронични вагинални габични инфекции,
  • абнормален ПАПА тест,
  • инфекција со ХПВ вируси или генитални брадавици.

Третман на СИДА

Во третманот се користат антиретровирусни лекови кои се усмерени против предизвикувачот (вирусот на СИДА) , како и други лекови, кои се применуваат во третманот на инфекциите и компликациите на болеста.

Како да се живее со ХИВ/СИДА?

Емоциите и реакциите кога луѓето ќе дознаат дека се ХИВ позитивни се движат од чувство на збунетост, лутина, вознемиреност, страв, паника, тага, депресија, самоубиствено расположение, неверување, чувство дека тоа не е фер.

Со време, повеќето луѓе стануваат способни да ја прифатат болеста и да научат да живеат со неа, стануваат посилни, со духот и емотивно. Сфаќајќи што е вистински важно во животот, го живеат животот во потполност. Луѓето кои се ХИВ позитивни, се соочени со тоа, како да им кажат на своите фамилии, пријатели и сакани. Тие многу често се соочени со дискриминација, преку игноранција и недостаточна едукација.

 

Најчитани написи