• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Леукемија - Третман на леукемија Печати
Индекс на артикл
Леукемија
Типови на леукемија
Симптоми и знаци
Третман на леукемија
Сите страници

Третман на леукемија

Тераписките модалитети се многу различни, тие брзо се менуваат и бараат специјалистичка експертиза. Се применува каузална терапија т.е. терапија за деструкција на малигни клетки, како и потпорна терапија).

Терапијата е сè поспецифична за поттиповите на леукемијата и целите на терапијата се одредуваат според возраста на пациентот.

Деструкција на малигни клетки се постигнува со: хемотерапија, радиотерапија, биолошка терапија и трансплантација на матични клетки, во некои случаи.

Потпорна терапија подразбира примена на: антибиотици кај имуносупресирани пациенти (со многу ниски вредности на леукоцити во крвта), трансфузии на крв или тромбицити (т.н. клеточна терапија при анемија и тромбоцитопенија), фактори на раст (лекови кој го потикнуваат созревањето на крвните клетки во коскената срцевина), општа нега на пациентите со леукемија.

Терапијата ја спроведуваат хематолози, онколози, лекари-консултанти или педијатриски онколози, согласно со медицинските прописи.

Се зголемува тенденцијата понатамошните прегледи на пациентот да се спроведуваат од лекарите во примарната здравствена заштита, во соработка со специјалистичкиот центар, каде што е изведено лекувањето.

Секој пациент е различен, а лекувањето е комплексно. Лекувањето е строго индивидуално, т.е. се одредува за секој пациент одделно, во зависност од многу фактори.

Како фактори кои помагаат во изборот на најадекватен индивидуален третман се: типот на леукемијата, карактеристиките на зафатените малигни клетки, проширеноста на болеста, односно нејзиниот стадиум, претходно спроведена терапија, возраст на пациентот, присутни симптоми,општа состојба на пациентот.

Акутните леукемии бараат итно лекување. Целта на лекувањето е да се доведе болеста во ремисија (повлекување), а потоа може да се спроведува терапија, за да се спречи повторното јавување на болеста (релапс). Многу пациенти со акутна леукемија можат да бидат излекувани.

Пациентие со хронична леукемија, без постоечки симптоми, не бараат итно лекување. Тие треба често и редовно да се контролираат, а кога е потребно лекување, тоа може да ја контролира болеста и симптомите.

Третманот е комплексен и често вклучува повеќе тераписки модалитети.

Расположиви тераписки опции кај леукемијата се:

  • Хемотерапија - лекови кои ги уништуваат абнормалните клетки. Хемотерапија се зема преку уста или се дава преку вена (интравенозно). Во поново време се дава преку централни катетери.
    Во зависност од типот на леукемијта може да се даде еден, или комбинација од повеќе цитостатици. Постојат посебни цитостатски протоколи за третман на различни типови на леукемии. Цитостатиците најчесто се даваат во вид на интравенски инфузии, а поретко орално.
    Лековите често не успеваат до дојдат до мозокот, бидејќи не можат да ја поминат крвно-мозочната бариера. Во случаите кога постојат акумулации на малигни клетки во мозокот, се применува интратекална хемотерапија. Таа се изведува со аплицирање на цитостатиците директо во мозочно - `рбетната течност (цереброспинален ликвор). Хемотерапијата се дава во циклуси, кои се повторуваат циклично во одредени временски интервали. Колку циклуси ќе се спроведат зависи од типот и агресивноста на леукемијата, а за тоа одлучува онкологот.
  • Радиотерапија - за уништување на абнормалните клетки.
    Радиотерапијата се спроведува со линеарен акццелератор, со користење на високо енергетски фотони (X зраци). Тоа е т.н надворешна радиотерапија.
    Радиотерапијата се спроведува заедно со хемотерапијата, кај некои типови на леукемии.
    Кај некои пациенти се спроведува радиотерапија на едно специфично подрачје, каде постои акумулација на малигните клетки, како на пример се озрачува селезенката или тестисите.
    Но, кај некои пациенети се спроведува озрачување на целото тело (total body irradiation). Овој вид на радиотерапија се изведува обично пред да се спроведе трансплантација на коскената срцевина.
  • Трансплантација на коскена срцевина - откако абнормалните клетки ќе се уништат со хемотерапија и зрачна терапија, на болниот му се трансплантира здрава коскена срцевина, која може да биде земена од здрав донор, или, пак, да биде од самиот пациент. Коскената срцевина од пациентот се зема пред да се започне со третманот и таа се чува во посебни улови и во специјализирани установи. Пред да се транспланира сопствената коскена срцевина, потребно е таа да се „исчисти“ од малигните (леукемични) клетки. Коскената срцевина се дава преку вена. Оваа срцевина оди во коскената срцевина на пациентот и произведува здрави крвни клетки.
    Пациентите треба да се пазат од инфекции, сè додека коскената срцевина не почне да произведува доволно крвни клетки.
    Кај акутните леукемии, 70 % од болните имаат шанса да се излекуваат ако им се изврши трансплантација од донор, а успехот кај автологното пресадување, кога матичните клетки се земаат од самиот пациент, изнесува 50 %. Треба да поминат најмалку две години од интервенцијата, за да се утврди дека пациентот е излекуван.
    Повеќето деца со леукемија нема да имаат потреба од трансплантација на коскената срцевина.
  • Биолошка терапија - вклучува супстанции кои влијаат на одговорот на имуниот систем на карциномот. Интерферонот е вид на биолошка терапија, кој се користи во лекувањето на некои типови на леукемија.
  • Во некои случаи, хируршкото отстранување на слезенката (спленектомија) може да биде дел од третманското водење.

Клинички студии

Многу пациенти со леукемија може да учествуваат во клинички студии кои им помагаат на истражувачите да откријат дали новиот, испитуван вид на терапија е ефикасен и сигурен. Овие пациенти многу допринесуваат во развојот на медицината, а имаат и можност први да ги испробаат позитивните ефекти од новите тераписки методи.

Колку долго трае леукемијата?

Леукемијата трае различно долго време.

Целта на третманот е да се постигне ремисија. При ремисија, доаѓа до исчезнување на симптомите и со достапните испитувања веќе не може да се видат малигни клетки во организмот.

Штом влезе во ремисија, пациентот има потреба од хемотерапија уште 2-3 години, за да не се врати болеста.

Понекогаш и покрај хемотерапијата, леукемијата ќе се врати. Тогаш се користат други типови на третман.

Леукемија може да се излекува. Под излекување се подразбира ремисија која трае 5 или повеќе години. Брзината на излекување се разликува кај секој пациент, и зависи од т.н. прогностички фактори и од организмот на пациентот.