• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Кои се симптоми и знаци на ракот на грлото на матката? Печати

Околу 90% од пациентките со рак на грлото на матката имаат локални симптоми, а дури подоцна се јавуваат и системски симптоми.

Локални симптоми на болеста

Најраните стадиуми на болеста може да биат асимптоматски, т.е. да не дадат никакви симптоми.

Првите симптоми, кои се знак за помалку или повеќе напреднат процес, се:

  • нечист, жолтеникав вагинален исцедок (секрет), повремено со примеси на крв,
  • оскудни крварења после коитус.

Како што туморот расте и се шири во длабочина на грлото на матката, вагиналните крварења стануваат пообилни, ирегуларни, пропратени со болка во карлицата, `рбетот и нозете. Може да се јави и оток на долните екстремитети, поради компресија на крвните садови од страна на метастатски зголемените лимфни јазли.

Доколку со туморот се зафатени и околните, соседни органи и ткива, симптомите се соодветни со зафатениот орган.

Така, при инфилтрација на мочниот меур се јавува: често мочање, печење при мочање, крв во мочката (хематурија).

Доколку со туморот е зафатен ректумот се јавува ректално страдање, т.е. се јавуваат симптоми како: тенезми, болно празнење на цревата, крв во столицата (мелена).

При инфилтрација или компресија од надвор на уретерите (горните мочни патишта) доаѓа до појава на хидронефроза со појава на бубрежна слабост т.е. инсуфициенција.

Во понапреднатите стадиуми на болеста, може да дојде до развој на ректовагинални фистули и везиковагинални фистули.

Сисметски манифестации на болеста

Системските симптоми и знаци се поретки во спредба со локалните.

Хематогеното дисеминирање е ретко, посебно за време на дијагностицирањето на болеста. Затоа симптомите и знаците од далечните метастази ретко се јавуваат за време на дијагностицирањето на болеста.

Сепак, во напреднатите стадиуми на болеста може да дојде до ширење на туморот преку крвта во оддалечените ткива и органи.

При тоа, може да биде зафатен било кој орган и ткиво. Сепак, како најчести места на метастазирање на карциномот на грлото на матката се: белите дробови, црниот дроб, коските и мозокот.

Доколку се присутни оддалечени метастази, тогаш во клиничката слика ќе доминираат одредени симптоми и знаци од зафатениот орган или ткиво.

Така, доколку се присутни коскени метастази, ќе биде присутна и јака болка во коските, а можни се и патолошки скршеници на зафатената коска.

Доколку постојат белодробни метастази, ќе постојат потешкотии во дишењето како кашлица, напади на гушење, хемоптизии. Пулмоналните метастази се поретки.

Доколку постојат метастази во црниот дроб, ќе се јави болна осетливост под десниот ребрен лак и хепатомегалија (зголемен, палпабилен црн дроб). Доколку метастазите се опсежни и зафаќаат голем дел од црниот дроб, ќе се јават пореметувања на бројните метаболни функции во организмот, со појава на жолтица, општа слабост, малаксалост, па дури и појава на коматозна состојба.

При постоење на метастази во мозокот, често се јавуваат неуролошки симптоми како: интензивни главоболки, повраќање, дупло гледање, пореметена равнотежа.

При постоње на метастази во регионалните лимфни јазли може да се јави оток на нозете (при присуство на метастатски пакети на лимфни јазли во препоните). При присуство на метастази во парааорталните лимфни јазли, може да дојде до појава на болка, посебно изразена во слабинскиот дел и грбот, а се јавува како резултат на компресијата на зголемените лимфни јазли на нервите.

Од општи симптоми, кои се знак за напреднат процес се: општа слабост, малаксаност, губиток на апетит, слабокрвност, уремија и секундарни инфекции.

Паранеопластичен синдром

Во ретки случаи цервикалниот карцином може да даде паранеопластичен синдром како единствена манифестација на болеста. Така може да се јави:

  • хиперкалциемија (покачено ниво на калциум во крвта),
  • несоодветни вредности на ACTH (адренокортикотропен хормон, кој ја стимулира кората на надбубрежните жлезди да продуцира гликокортикоиди, како кортизол),
  • несоодветни вредности на ADH (антидиуретичен хормон кој ја зголемува реапсорпцијата на водата во дисталните каналчиња на бубрегот).