• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Нова надеж за болните од рак на хранопроводник и желудник

Нездравата исхрана, прекумерното консумирање на алкохол, пушењето и гојазноста се нездрави навики кои би можеле да доведат до епидемија на рак на хранопроводникот и желудникот, утврдил тимот на водечките британски научници од Универзитетот Nottingham.

Научниците во своето истражување, кое траело последниве 5 години, се обидувале да го откријат начинот со кој би се подобриле досегашните третмани за лекување на овие видови на карциноми. Поттик за ова истражување бил наглиот пораст на честотата (инциденцата) на ракот на хранопроводникот (голтникот) и горниот дел на желудникот во последниве 40 години. Од 1970-тие години, инциденцата на овие карциноми, само во Велика Британија, е зголемена за 50% кај мажите и за 20% кај жените.

Лекарите верувааат дека промените во исхраната и начинот на живот се клучни фактори кои се одговорни за наглиот пораст на бројот на заболени од рак на хранопроводникот и желудникот. Моменталниот стандарден третман за овие видови на потенцијално операбилни карциноми се состои од 12 неделна интензивна хемотерапија, после која следи операција (ако е туморот операбилен), а по операцијата повторно се спроведува вториот дел од 12 неделната хемотерапија.

Ова долготрајно и интензивно лекување е потенцијално токсично, влијае на квалитетот на животот на пациентите и во поголем број на случаи е ефикасно само кај пациентите кои реагираат на хемотерапијата.

Истражувањето спроведено со помош на молекуларната патологија на карциномите и ДНК протеинската техника на примероците на туморите од 250 оперирани пациенти покажала дека само околу 40 до 50% од овие аденокарциноми всушност реагирале на хемотерапијата. Покрај тоа, истражувачите идентификувале и ветувачки маркер вклучен во обновувањето на ДНА клетките на ракот, кој ја предвидува отпорноста на хемотерапијата во туморите.

Овие нови информации би можеле да им помогнат на лекарите да одлучат дали вториот дел од 12 неделната постоперативна хемотерапија ќе биде ефикасен. Истражувањето, исто така, отвара пат за пошироки специјализирани клинички студии во кои пациентите би се следеле во реално време, што би можело да доведе до развој на нови комбинации на хемотерапија.

Резултатите од истражувањето биле објавени со научниот часопис „British Journal of Cancer“.

 

Најчитани наслови