• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци на кожен карцином Печати

Базоцелуларен карцином (carcinoma basocellulare cutis)

Клиничката слика и биолошкото однесување на базоцелуларниот карцином на кожата може да биде најразлично. Тој може клинички да се манифестира како:

  • мало, сјајно, тврдо, речиси прозирно јазолче,
  • улцерирана, препокриена со краста лезија,
  • мазна, во вид на лузна индурирана (тврда) плака или
  • лезии што е тешко да се разграничат од псоријаза или локализиран дерматит.

Сепак, најчесто карциномот започнува како мала, сјајна папула која бавно и постепено се зголемува и по неколку месеци се појавува сјаен, бисерен раб со назначени проширени крвни садови (телеангиеказии) на површината и со централна улцерација (нодуло-улцеративен базоцелуларен карцином или улкус роденс). Промената често крвари и се препокрива со краста и постепено се зголемува. Вообичаено за овој хистолошки тип на кожен карцином е да наизменично се препокрива со краста и да се затвара, па потоа крастата да отпадне и пак да крвари.

Базоцелуларниот кожен карцином ретко метастазира, но може да биде исклучително локално деструктивен и да врши инвазија на нормалните околни ткива.

Ретко може да доведе до смрт, зафаќајќи одредени витални структури или отвори (очи, уши, нос, коска).

Овој кожен карцином најчесто се јавува во региите изложени на сонце, како што се лицето, вратот и екстремитетите. Најчести локализации на лицето се: образите, ушите, преаурикуларната регија (регија пред ушната школка), носот, долната усна и вратот.

Планоцелуларен карцином (carcinoma planocellulare cutis)

Планоцелуларниот кожен карцином потекнува од малпигиевите епителни клетки. Најчесто се јавува на деловите на телото кои се изложени на сонце, меѓутоа може да се јави и насекаде. Може да се појави на претходно неизменета кожа, на претходно постојна сенилна кератоза или на лузна од изгореница.

Клиничката слика на планоцелуларениот кожен карцином може да биде најразлична.

Туморот почнува како црвена папула или плака со лушпеста или крустозна површина. Понатаму, може да стане нодуларен, понекогаш со брадавичеста површина. Во одредени случаи, туморот може да лежи под површината на кожата, да улцерира и да го зафати подлежечкото ткиво. Ретко метастазира во регионалните лимфни јазли, но доколку не се лекува, при прогресија на болеста, доаѓа и до нивно зафаќање.

Околу третина од усните и мукозните лезии метастазираат пред да бидат откриени примарните локализации.

Малигни меланом (melanoma malignum)

Постојат 4 главни типови на меланом: површинско раширувачки меланом, нодуларен меланом, акрален или акрален лентигозен меланом и лентиго-малиген меланом.

Површинско раширувачки меланом (Superficial Spreading Type)

Површинско раширувачки меланом претставува 50-70% од сите случаи на меланом, во зависност од географската област. Најчесто се јавува кај жени во долните партии од ногата, на место на постоечката бемка.

Лезијата е со неправилен облик, кафено или црно обоена и најчесто е равна во раните стадиуми.

Нодуларен меланом (Nodular Type)

Нодуларниот меланом претставува 15-30% од меланомите. Од пациентот се добива податок за брз раст на лезијата во тек на неколку недели или месеци. Промената е овална, подигната над нивото на кожата и има особености да се препокрива со краста или да прокрвари во раните стадиуми. По боја е црвена, сива или црна, а само во 5 % случаи е амеланотична (безбојна). Почесто расте на здрава кожа, отколку на место на постоечка бемка. Најчесто се јавува на кожата на трупот, главата и вратот. Почесто се јавува кај мажите отколку кај жените.

Нодуларниот меланом, обично е поагресивен од другите подтипови на меланомот.

Акрален лентигозен меланом (Acral-Lentiginous Type)

Акралниот лентигозен меланом претставува 2-8% од меланомите кај белата раса. Обично се среќава на табаните или дланките во однос 8 :1, а се развива во тек на неколку месеци.

Супунгвалниот меланом е подгрупа на акралниот меланом, кој најчесто се јавува под ноктот на палецот на ногата.

Мукозниот меланом е друга подгрупа на овој тип на меланом, и тој е многу редок.

Акралниот лентигозен меланом е почест кај луѓето од црната и жолтата раса, отколку кај луѓето од белата раса.

Акралните лентигозни меланоми се, главно, големи (>3см) и се јавуваат кај пациенти постари од 60 години.

Лентиго малиген меланом (Lentigo Maligna Type)

Лентиго малиген меланомот претставува само мал дел од меланомите (помалку од 10%). Најчесто се јавува кај жени постари од 70 години и во 90% се локализирани на кожата на лицето. Често постои со години како голема, рамна кафено обоена лезија (лентиго малигна). Лезиите може да содржат бледи островчиња, каде што започнала споната регресија. Малигните промени се јавуваат во лезијата по неколку (лентиго малиген меланом) и најчесто се претставени со темно пигментни чворчиња кои претставуваат островчиња што содржат малигни меланомски клетки. Во оваа фаза лезиите имаат потенцијал да метастазираат.