• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Штитната жлезда – неопходна за нормално функционирање на организмот Печати

Меѓу органите во човечкото тело, штитната жлезда (тироидеа) предизвикува посебно внимание. Ако штитната жлезда не функционира правилно, прво страда мозокот и нервното ткиво. Сепак, пореметувањата на штитната жлезда не се така драстични, а тоа значи дека заболените треба да се ослободат од вообичаената паника и страв дека животот од корен ќе им се измени. Заболените во повеќето случаи можат нормално да живеат, но под услов да се дисциплинирани и да ги слушаат советите на својот лекар.

Во почетокот на минатиот век научниците откриле дека штитната жлезда ствара и лачи одредени супстанции, кои се неопходни за работата на целиот организам. Станува збор за хормоните тироксин и тријодтирамин, за чие откривање во 1953 -тата година е доделена и Нобеловата награда. Ова доволно говори за важноста на овие хромони. Тие се важни за растот и равојот на организмот и тоа особено за централниот нервен систем (ЦНС), како и за одржување на телесната топлина.

Која е клучната улога на овие хормoни?

Клучната улога на хормоните од штитната жлезда е во развојот на ЦНС, поради што секоја идна мајка во бременоста треба да има доволно тироксин и да обебедува доволен внес на јод во организмот. Штитната жлезда, веќе во првиот и вториот месец од ембрионалниот развој, почнува да ги ствара своите хормони. Доколку идната мајка не внесува доволно јод, штитната жлезда не се развива, а со самото тоа изостануваат и хормоните важни за развојот на нервниот систем, интелектот и сетилата.

Што се однесува до проблемите поради недостаток на јод, тие кај нас се решени со јодирање на солта. Но, пореметување на штитната жлезда може да настане и од некоја друга причина. На пример, доколку на идната мајка од некоја причина и е отстранета тироидната жлезда. Тогаш се надополнува недостатокот на тироксинот, за да се обезбеди нормално функционирање на организмот на трудницата и за да се обезбеди нормален развој на плодот.

Што значи пореметување на градбата на штитната жлезда?

Пореметувањето на градбата претставува појавата на струма, односно делумно или потполно зголемување на тироидната жлезда. Делумното зголемување се исполува во вид на јазли, кои можат да бидат од различна причина. Најчесто јазлите се бенигни, но понекогаш може да бидат и малигни. Порано за нивното јавување главен виновник бил недостатокот на јод, додека денес најчеста причина е хроничното воспаление на тироидната жлезда – хроничен тироидитис.

Што се случува кога доаѓа до зголемена функцијата на штитната жлезда (хипертироидизам)?

Зголемената функција на штитната жлезда е позната и како хипертироидизам. Најчеста причина за хипертироидизмот е Базедовата болест. Тоа е автоимуно заболување во кое антителата предизвикуваат продолжена стимулација и работа на штитната жлезда. Лицата со хипертироидизам чувствуваат изразена вознемиреност, напнатост, имаат забрзана работа на срцето (тахикардија), зголемено потење, несоница, опаѓање на косата. Кај жените доаѓа до пореметување на менструалниот циклус, а кај мажите до намалување на либидото.

Што се случува при намалена функција на штитната жлезда (хипотироидизам)?

Спротивно од хипертироидизмот, хипотироидизмот се јавува поради намалена концентрација на хормоните на штитнта жлезда во крвта. Најчеста причина за ова пореметување е хроничното воспаление на штитната жлезда. Кај лицата со хипотироидизам се забележува успореност, безволност, замор, ослабена способност за комуникација, заборавност. Лицата со хипотироидизам не поднесуваат студ, имаат длабок рапав глас и ладна, задебелена и перутава кожа. Косата им опаѓа, а ноктите им се кршливи. Жените имаат нередовни менструации, а проблемот со ослабеното либидо се јавува и кај двата пола.

Хроничен тироидитис

Хроничниот тироидитис претставува, исто така, автоимуна болест кај која антителата предизвикуваат блокада на функцијата на штитната жлезда. Ние денес, за жал, не ја знаеме причината ниту за Базедовата волест, ниту за хроничниот тироидитис. Единствено што сигурно се знае е дека за настанувањето на автоимуните болести има најголема улога наследувањето.

Дури во 80% од случаите клучниот момент е наследувањето. Друг и единствено познат причинител од надворешната средина е јодот, чиј недостаток доведува до ендемска струма, односно гушавост. Стресот, како можен причинител, не е докажан како за оваа болест, така и за другите болести на штитната жлезда.

Вишок на јод

Современата цивилизација почнува и да трпи од вишок на јод, бидејќи јодот го има насекаде. Го има во многу адитиви кои се користат во прехрамбената иднустрија, а го содржат и многу минерални води. Дури и многу лекови содржат големи количини на јод. При тоа треба да се знае дека дневните потреби за јод се 150 do 300 микрограми и тие можат да се задоволат со правилна исхрана.

Ризик од рак на штитна жлезда

Одредени заболувања на штитната жлезда може да го зголемат ризикот за развој на тироидниот карцином. Тоа се: мултинодална гушавост и воспаление на штитната жлезда (тиреоидит).

Мултинодуларна гушавост

Мултинодалната гушавост го зголемува ризикот за карцином на штитната жлезда и тоа приближно 80% за анапластичните тумори и 25% за сите карциноми на штитната жлезда.

Пациентите кои биле лекувани долг период со антитиреоидни лекови, како што е propil-tiouracil-от, поради присутен хипертиреоидизам (зголемена функција на штитната жлезда), се со зголемен ризик за развој на карцином.

Воспаление на штитната жлезда (тиреоидит)

Воспалението на штитната жлезда директно не е поврзан со поголем ризик за развој на карцином, но поради хипотироидизмот (намалена функција на штитната жлезда), кој често се развива природно или поради примената на лековите, може да се зголеми ризикот за развој на карцином.

Автоимуни аспекти на тиреоидниот карцином

Неколкy автори објавиле повисок титар на антитела против тиреоидните клетки, кај пациентите со карцином на штитната жлезда, споредено со останатата популација.

Ова укажува на автоимуна компонента во развојот на тироидниот карцином.