• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што е хијатална хернија и која е препорачана диета? Печати

Дијафрагмата е најважен дишен мускул, која ја одвојува градната од стомачната празнина. Продор на стомачните органи во градната празнина најчесто може да настане преку отворот на хранопроводот (хијатална хернија), а поретко и преку другите анатомски отвори.

Хијаталната хернија е најчеста дијафрагмална кила, а може да настане како последица на вродена слабост на дијафрагмата или од стекнати фактори како што се дебелината и бременоста. Најчесто дијафрагмалната кила се јавува кај повозрасните, бидејќи кај нив доаѓа до мускулна слабост на дијафрагмата, поради која доаѓа до проширување на отворите на дијафрагмата. Но, болеста може да се јави и кај помлади пациенти, кои имаат вродена слабост на мускулатурата на дијафрагмата или се со изразена гојазност. Може да се јави и кај лица кои внесуваат обилни оброци. Често хијатална хернија може да се јави и поради бременост.

Хијаталната хернија настанува така што дијафрагмалниот отвор се проширува и низ него се провлекува дел од желудникот, кој минува во градниот кош. Со тоа се создава механичка препрека на минувањето на храната. Затоа, најчесто пациентите се жалат на отежнато варење на храната, болка и притисок под ребрата по завршување со оброкот, аритмија на срцето, печење и жарење зад градната коска. Честопати се случува враќање на изедената храна, особено ноќе при спиење или во лежечка положба, со појава на непријатен здив во устата, проследено со силно печење и болка зад градната коска.

Симптоми на хијатална хернија

Хијаталната хернија најчесто е асимптоматска, т.е може да не даде никакви симптми и знаци. Сепак, најчести симптоми на хијаталната хернија се: боли и жарење (печење) во градите, особено позади градната коска. Болките се се влошуваат кога болниот е во лежечка положба.

Хијатална хернија кај некои пациенти може да предизвика враќање на киселата желудникова содржина од желудникот во хранопроводот (гастроезофагеален рефлукс), што се манифестира со печење во лажичката и зад градната коска. Тегобите обично се јавуваат по јадење, а се влошуваат кога болниот лежи, кога се наведнува или ако се напрега.

Други симптоми се болка зад градната коска и отежнато голтање проследено со тегоба. Отежнато голтање може да упатува на стеснување на хранопроводот или на нарушена моторика на хранопроводот. При враќање на желудочна содржина чести се белодробни манифестации - бронхитис, пневмонија, утринска промукнатост и бронхоспазми, кои се почести навечер. Болката понекогаш е јака, се шири кон вратот и рацете и може да симулира ангина пекторис. Хијаталната кила може да предизвика симптоми на скриено или манифестно крвавење од лигавицата на желудникот како што се повраќање крв во храната, црна столица и анемија.

Кила од лизгачки тип - кога желудникот продира над дијафрагмата во градната празнина, предизвикува срцеви аритмии - т.н. гастрокардијален синдром.

Хијаталната хернија се дијагностицира со рентгенолошки преглед на хранопроводот и на желудникот или со гастроскопски преглед. Хијаталната кила од "лизгазки" тип може да се открие со рентгенолошки преглед со примена на контрастно средство (бариумска каша).

Правилното интернистичко лекување кај најголем број пациенти ги намалуваат тегобите и непријатната болка со жарење. Се препорачува да се земаат оброци во мали количества неколкупати во денот, да се избегнува обилна вечера, пржена, мрсна и зачинета храна пред спиење или по 20 часот. Веднаш по внесениот оброк не треба да се легнува.

Диета при хијатална хернија

Општи принципи: Исхрана богата со белковини, умерено јаглехидрати, храна сиромашна со масти.

Дозволена храна:

  • Млеко: обезмастено млеко, јогурт, кисело млеко, младо сирење, урда.
  • Месо: сите видови немасно месо и риба.
  • Јајце: до три пати неделно, умерена конзумација на жолчка.
  • Житарици: леб, ориз, компир.
  • Овошје и зеленчук: сите видови.
  • Напивки: овошни сокови (кои не се многу кисели), чаеви.
  • Слатки: компот, овошни желеа, не многу масни кремови и слатки.

Недозволена храна:

  • полномасно млеко,
  • топени сирења,
  • кајмак,
  • мајонез,
  • масни меса и риба,
  • многу слатки овошја (урма, смоква, суво овошје),
  • масни овошја (лешници, бадеми, ореви),
  • зеленчук со груби жили и тврда лушпа (праз, кељ, зелка),
  • газирани пијалоци,
  • алкохол и цигари.

Препораки: После јадењето да не се легнува, малку да се прошета. Вечерата никогаш да не е пред спиење, да се спие на малку подигната перница. Да се избегнуваат обилни оброци, груба храна и храна која ја дразни слузницата (премногу зачинета и кисела храна).

Кулинарска припрема: Варена, печена храна. Да се избегнува пржена и похована храна.

Број на оброци: 4-5 помали оброка.