• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Крв во урина (хематурија) – алармантен знак, кој бара итен преглед Печати

И покрај бројните предупредувања на уролозите дека секоја промена треба детално да се испита и дека треба да се отиде на преглед, сеуште има многу луѓе кои не обрнуваат внимание на тоа. Едно од честите пореметувања, кога станува збор за мочката, е промената на нејзината боја. Токму тие промени во бојата, укажуваат дека нешто не е во ред.

Предупредување

Иако на тоа не му се придава големо значење, појавата на крв во мочката е нешто што само од себе нема да помине. Крвта во мочката е алармантен знак и бара итен уролошки преглед. Од друга страна пак, многу пациенти сами се јавуваат на лекар поради крв во мочката, но матичните лекари едноставно не обрнале доволно внимание, па повеќето од нив и не ги пратиле своите пациенти на уролог за понатамошни испитувања.

Појавата на крв во мочката, дури и само еднаш, претставува силна причина за да се отиде на преглед. Многу состојби можат да доведат до повремена појава на крв во мочката. Тоа што привремено ќе престане крвта во мочката, не значи дека е се во ред. Крвта во мочката е знак кој не предупредува дека нешто се случува во нашиот организам.

Сама по себе, појавата на крв во мочката не претставува проблем. Таа крв е знак на предупредување, како кај мажите, така и кај жените. Причините за појавата на крв во мочката навистина се многубројни, почнувајќи од мали инфекции, па се до камен во бубрегот, кој постојано се придвижува, иритирајќи ја со тоа слузницата и предизвикувајќи крварење. Крвта во мочката, исто така, може да укаже и на присутен рак во бубрегот или во мочниот меур.

Што и да е причината за крв во мочката, не треба да се замиже и да се помисли дека ќе исчезне, туку уште истиот момент треба да се отиде на преглед. Доколку постои очигледна инфекција, после чие лекување исчезнува крвта во мочката, понатамошните испитувања не се потребни.

Но, доколку постои крв во мочката, без знаци за некоја инфекција и кога хематуријата е безболна, тогаш потребни се дополнителни испитувања.

Преглед

Интересно е дека на жените не им претставува проблем да се јават на лекар штом приметат дека нешто не е во ред со нив. За разлика од нив, мажите најчесто одолговлечуваат, изнаоѓаат разни изговори, само да не отидат на контрола. Што повеќе се одолговлечува, толку е поголема веројатноста дека пореметувањето, поради кое и се јавила хематуријата, уште повеќе ќе ја влоши здравствената состојба. Ваквите пореметувања можат да претставуаат и директна опасност по животот.

Испитување

Самата процедура на испитувањето на хематуријата е брза и едноставна. Се врши испитување на мочката за откривање на некоја инфекција.. Доколку е потребно, примерокот од мочката се испраќа и на ДНК анализа. Со ДНК анализата се бараат извесни генетски мутации кои можат да укажат на рак. Често се прави и рендгенска снимка за да се испита состојбата на бубрезите и другите органи на уринарниот систем.

На крај, и ова веројатно е и причината зошто мажите ја избегнуваат контролата, следи темелен физикален преглед пратен со цистоскопија. Цистоскопијата е исклучително важна бидејќи таа му овозможува на урологот директен увид во состојбата на мочниот меур, на простатата и на уринарниот канал – места каде најчесто се локализирани туморите, а кои неможат ефикасно да се испитаат само со рендген.

Резултати

Не треба да се плашите од прегледот. Можеби крвта во мочката е последица на некоја блага инфекција, која доколку веднаш почне да се лекува, брзо и поминува. Доколку се открие и нешто посериозно, подобро е тоа да се открие порано т.е. на време. Рано откриениот рак на овие места може лесно да се отстрани, без последици по пациентот.

Затоа, доколку е можно, од пресудно значење е да се отиде на контрола во истиот момен кога ќе се забележат некои неправилности во мочката.