• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Рак на усна шуплина Печати

Усната шуплина го опфаќа пределот помеѓу усните, образите, непцето и голтникот. Таа е обложена со слузница, чии епителни клетки можат малигно да се трансформираат и да доведат до развој на рак. Најчест малиген тумор на усната шуплина е планоцелуларниот карцином.

Иако етиологијата на ракот е непозната, епидемиолошките податоци јасно укажуваат дека ракот на слузницата на усната шуплина првенствено е болест која се јавува кај лица кои редовно консумираат алкохол и кои пушат. Почесто се јавува кај мажите и обично после 40-тата година од животот.

Денес како причини за рак на усната шуплина се наведуват и: расипаните заби, протезите, лошата хигиена на усната шуплина или иритирачките остри заби.

Ракот на усната шуплина секогаш започнува како лезија (раничка) на слузницата, која трае долго време и која не зараснува. Лезијата со тек на време се повеќе се зголемува и се шири во околината.

Прво се јавува преканцерозна лезија во вид на еритроплакија (црвена лезија) или во вид на леукоплакија (бела лезија). Сепак, треба да се напомене дека сите бели лезии не се преканцерозни, што е битно за раната дијагноза.

Ракот најчесто се јавува на дното на устата, на јазикот и позади катниците и умниците (ретромоларно). Иако се работи за тумор кој е достапен за инспекција (преглед со голо око), кај нас се открива дури во 25% од случаите. Во повеќето случаи, прв симптом на ова малигно заболувње е зголемен лимфен јазол во пределот на вратот. Туморот на дното на усната шуплина (под јазикот) може да предизвика застој на плунката и оток на субмандибуларната жлезда (една од плунчните жлезди) бидејќи тој навлегува во нејзиниот изводен канал и го запушува. Туморот со своето ширење ги зафаќа и околните структури и ткива како што се: јазикот, забното месо и коските на вилицата.

Важно е да при прегледот на усната шуплина се прегледа и делот на усната слузница кој е под јазикот. Пациентот при преглед го подига јазикот за да може да се види туморот.

Ако туморот се наоѓа на јазикот (на неговата бочна страна), тој започнува како црвена раничка која е болна при земање на зачинета храна. Подоцна јазикот станува помалку подвижен. Ракот на јазикот брзо се шири како локално, така и преку лимфните садови и често дава метастази во регионалните лимфни јазли.

Треба да се напомене дека сите ранички на јазикот не се и карциноми. Најчесто и не се, но долготрајните лезии со издигнати рабови секако дека треба да ги прегледа лекар, специјалист – оториноларинголог.

Туморот на делот на усната шуплина позади катниците (ретромоларно) предизвикува рефлексна болка во увото, тешкотии при голтање и отежнато отварање на устата. Овој карцином брзо се шири на крајнците и на јазикот.

Ракот на усната шуплина се открива со инспекција (преглед) и биопсија. При преглед на усната шуплина, лекарот зема парче од сомнителната промена и потоа тој примерок од биоспијата се носи на патохистолошки (микроскопски) преглед. Дефинитивната дијагноза на ракот на усната шуплина ја дава патологот, врз основа на микроскопската, патохистолошка анализа на материјалот земен со биопсија.

Терапијата на ракот на усната шуплина е хируршка, зрачна или со комбинација на овие две терапии. Малите тумори (до 2 cm), кои се без метастази на вратот се лекуваат во висок процент (до 80%) со операција. Ако е туморот со големина до 4 cm само со операцијата се постигнува успех во 50% од случаите.

Масивните тумори бараат и поопсежен хируршки зафат. Хируршки се отстранува: туморот, лимфните јазли од истата страна на вратот и делот од долната вилица, југуларните вени, вратниот мускул и плунчните жлезди. Кај вака маснивните тумори се спроведува и постоперативна радиотерапија. Шансите за излекување се само 20%.

Според тоа, важна улога во лекувањето има што пораната откивање на туморот и секако превентивата т.е. спречувањето на појавувањето на туморот со отстранување на факторите на ризик кои доведуваат до негов развој (пушење, консумирање на големи количини на алкохол, расипани заби, лоша хигиена на усната шуплина).