• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што може да ни покаже лабораториската анализа на урината? Печати

Анализата на урината е една од корисните скрининг методи чии резултати можат да дадат основни информации за состојбата на метаболизмот како и за состојбата на генито-уринарниот систем.

Рутинскиот преглед на мочката е една од основните лабораториски анализи. Секој рутински преглед на мочката се состои од 3 дела:

  • Опис на физичките и физичко-хемиските карактеристики на мочката: изглед, боја, мирис, реакција–pH, специфична тежина.
  • Хемиска анализа на мочката: Најчести хемиски анализи на урината се анализа на протеините, шеќерот, кетонските тела, уробилиногенот, билирубинот и нитритите.
  • Преглед на седиментот на мочката т.е. микроскопски преглед на талогот, кој се добива по центрифугирање на мочката.

За анализа на урината се зема првата утринска мочка и тоа во стерилен сад, при што претходно е потребна интимна хигиена на пациентот. Се зема не првиот, туку вториот млаз од првата утринска урина. Важно е да се собере мочката во адекватен стерилен сад, кој добро се затвара за да не дојде до контаминација на мочката со микроорганизми од надворешната средина.

Изглед на урината: Нормално урината е бистра. Заматената урина укажува на зголемен број на бели крвни зрнца (леукоцити), односно е знак за некој воспалителен процес, како и за присуство на бактерии, габички, слуз и други елементи кои може да се најдат во седименотот на урината. Во тој случај потребни се и дополнителни анализи.

Боја: Нормално урината има жолта боја. Бојата може да варира во зависност од внесената количина на течности и тоа од светло жолта до темно жолта. На бојата на мочката може да влијаат и зголемената телесна температура, потењето, повраќањето, проливот. Колку е урината поконцентрирана, толку и нејзината боја е потемна.

Розевкаста боја на урината може да се јави, на пример, кога се консумира поголема количина на цвекло или капини.

Темнокафената урина укажува на зголемено ниво на билирубин, што е најчест знак на оштетување на црниот дроб, односно знак за жолтицата. Некои луѓе имат и нормално повисок билирубин, па така да кај нив темнокафената боја на урината им е нормална појава.

Црвената урина укажува на присуство на хемоглобин, што најчесто е знак за оштетување на бубрегот, поради што и се јавува крв во урината (најчесто камен во бубрегот) или разни воспалителни процеси, оштетувања на мочните канали и мочниот меур. Крвава урина може да биде и прв знак за присуство на рак на мочниот меур и мочните патишта. Присуство на крв во урината е алармантен знак и бара итно дополнително иследување со цел да се открие причината.

Реакција – нормално мочката има кисела реакција, pH се движи помеѓу 5 и 6. Алкалната реакција најчесто укажува на бактериска инфекција.

Специфична густина – референтна вредност е 1,012 - 1,025. И специфичната густина на урината варира во зависност од количината на внесените течности во организмот како и од способноста на бубрегот да ја концентрира урината.

Зголемената специфична тежина на урината може да биде знак за дијабет, хипертензија, пореметена функција на хормоните на надбубрежната жлезда, знак за оштетување на бубрегот. Може да се јави и при зголемен губиток на вода од организмот – повраќање, пролив, како и при висока телесна температура.

Намалена специфична тежина на урината најчесто се јавува при зголемено излачување на урина, како на пример при внесување на големи количини на течности во организмот.

Протеини во урина: Нормално нема присуство на протеини во урината, т.е. наодот за протеини во урината нормално е негативен.

Протеините може да бидат присутни во урината поради зголемена физичка активност или за време на бременоста, кога тоа не е знак за патолошка промена или состојба. Појавата на протеини во урината, во сите други случаи, начесто е знак за некој воспалителен процес на уринарниот систем и бара доплнителни иследувања.

Гликоза во урина: Нормално нема присуство на гликоза во урината, т.е. наодот за гликоза е негативен.

Присуството на гликоза во урината воглавно е поврзан со зголемените вредности на гликозата во крвта (над 10 mmol/L), што најчесто се среќава кај дијабетичарите.

Ацетон во урина: Нормално нема присуство на ацетон во крвта. Позитивен наод на ацетон во крвта е присутен кај дијабетичарите.

Билирубин во урина: Нормално нема присуство на билирубин во урината.

Уробилиноген во урина: Нормално наодот е негативен. Позитивни резултати можат да бидат знак на оштетување на црниот дроб или на жолчната кеса.

Нитрити во урина: Нормално нема присуство на нитрити во урината. Позитивиен наод на нитрити во урината е индикатор за присуство на бактерии во уринарниот тракт.

Еритроцити во урина: - Нормално нема еритроцити или ги има многу малку, 1 до 2 во микроскопското видно поле.

Наодот на поголем број на црвени крвни зрнца (еритроцити) во урината најчесто укажува на пореметување во функцијата на бубрегот или на мочните патишта и на можен камен или песок, може да биде знак за повреда, или за рак на органите на уринарниот систем.

Свежи еритроцити: Нормално нема свежи еритроцити во урината.

Позитивниот наод е најчесто знак на присуство на камен или песок во бубрегот или мочните патишта. Но, секое поголемо количество на еритроцити во урината треба детално да се испита, бидејќи можно е да е и знак за малигно заболување на органите на уринарниот тракт.

Бледи еритроцити: Нормално нема бледи еритроцити во урината. Позитивен наод е најчесто знак за скоро прележана инфекција или за хронични заболувања на бубрегот.

Леукоцити во урина: Нормален наод е до 5 леукоцити. Леукоцитите се наоѓаат во седиментот на урината, кога постои воспалителен процес и инфекција. Обично покрај наод на голем број на леукоцити, постои и наод на голем број на бактерии во уринатата, па во тој случај се препорачува да се направи и уринокултура со антибиограм.

Цилиндри во урина: нормално ги нема во урината. Цилиндрите се форми кои настануваат во бубрежните каналчиња и го попримаат нивниот облик.

Позитивен наод укажува на хронично бубрежно заболување. Во урината на здравите луѓе можат да се најдат само т.н. хијалини цилиндри и тоа многу ретко. Клеточни, гранулирани и восочни цилиндри се знак за патолошка состојба и нивното откривање има важност за поставување на дијагнозата или за пратење на текот на болеста. Наодот на вакви цилиндри во урината бара дополнителни понатамошни иследувања со цел да се постави дефинитивна дијагноза.

Плочести епителни клетки: Нормално има мал број на плочести епителни клетки во урината. Овие клетки го обложуват уринарниот тракт. Нивното појавување во урината во било кој обем нема некое поголемо дијагностичко значење.

Округли епителни клетки: Нормално нема округли епителни клетки во урината. Позитивниот наод укажува најчесто на оштетување на бубрегот.

Бактерии во урината: Обично нема присуство на бактерии во урината.

Може да има малку бактерии во урината, што не мора да значи и сигурно постоење на инфекција, туку на контаминација поради неправилно земен примерок.

Доколку во примерокот од урината има многу бактерии (или како што тоа порано во лабораториските извештаи се наведувало како „маса“ на бактерии), тогаш тоа е веќе знак за сигурна уринарна инфекција. Во тој случај се прави и уринокултура за да се изолира постоечката бактерија и антибиограм за да може да се даде адекватен антибиотик на кој е осетлива најдената бактерија во урината.