• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци на рак на бубрег PDF Печати
Недела, 15 Јуни 2008 17:59

Во раниот стадиум, карциномот на бубрегот често може да биде асимптоматски т.е. да не даде никакви симптоми. Затоа, во многу случаи, тој се открива дури кога ќе се прошири надвор од бубрегот, во околните ткива, или ќе се прошири во други ткива и органи во телото т.е. ќе даде далечни метастази.

Во некои случаи симптомите се слабо изразени и неспецифични, како што се: општа слабост, малаксалост, повремени безболни хематурии кои спонатно исчезнуваат.

Кај некои болни, заболувањето се манифестира со општа интоксикација.

Сепак за ракот на бубрегот карактеристичен тријас на симптоми е:

  • хематурија
  • палпабилен тумор
  • болка

Најчест симптом при карциномот на бубегот е хематуријата која се јавува кај повеќе од 50% од болните. Таа, обично се јавува спонтано и при полно здравје и по некое време спонатно исчезнува, без лекување. Во почетокот е ретка, но со напредувањето на болеста, се јавува почесто. Кога хематуријата е обилна, може да дојде до згрутчување (коагулација) на крвта во бубрежните чашки и уретерот (горниот мочен канал) и да дојде до запушување кое се манифестира со болки, тешко мочање, па дури и со појава на анурија (потполна неможност за мочање).

Втор симптом по честота и важност е присуство на туморот кој може да се напипа при бимануелна палпација.

Трет значаен симптом е болката, која зависи од степенот на развојот на болеста. Може да биде како колика (јаки напади на болка), па кога ќе сопре крварењето, да престане и болката. Но кога туморот ќе се прошири надвор од капсулата, болката може да биде постојана и тапа и се јавува кај 40% од случаите.

Не така чест симптом е појава на варикоцела (проширени крвни садови). Кај жените се шират вените на големите лабии (усни) на вулвата и тоа е секогаш знак за напреднат стадиум на болеста.

При некои тумори се јавува и покачена телесна температура, која најчесто достигнува до 38 степени целзиусови. Се смета дека температурата се јавува поради специфичните пирогени материи кои ги лачат канцерските клетки на бубегот.

Екстраренални симптоми се топлите бранови и полицитемијата (зголемен број на црвените крвни зрнца во крвта) – болеста на Vaquer. При карцином на бубрегот, се констатира зголемен број на црвени крвни зрнца (еритроцити), покачени вредности на хемоглобинот и хематокритот, без промени на белите крвни зрнца (леукоцити) и крвните плочки (тромбоцити). Полицитемијата е резултат на зголеменото количество на еритропоетин што го излачуваат канцерските клетки, а се јавува кај 5-10% од болните.

Кај некои болни може да се јави хипертензија (висок крвен притисок) која е постојана и не реагира на терапија.

Во ретки случаи овие тумори произведуваат супстации слични на хормони, кои доведуваат до хиперкалциемија ( зголемено ниво на калциум во крвта), Кушингов синдром, феминизација и маскулинизација.

Кај многу пациенти туморот е без симптоми, а се открива кога ќе се појават симптомите од дистантните метастази. Главна локализација на метастазите се белите дробиви и коските, но туморот може да метастазира во било кое ткиво и орган во телото. Така како прв знак на болеста може да биде отежнато дишење, сува или продуктивна кашлица, плукање на крв, болки во градите (при присутни метастази во белите дробови) или болки во коските ( при присутни метастази во коските). Доколку се јават метастази во мозокот, тогаш може да постојат и карактеристични симптоми како: главоболка, вртоглавица, губиток на равнотежа, повраќање и слично.

При овие тумори се појавуваат имунолошки промени во организмот - синдром на Штрауфер, кој се изразува со зголемено ниво на алкална фосфатаза, хипоалбуминемија (намалено ниво на протеини во крвта), особено алфа 2-глобулините, висока температура, анемија (слабокрвност) и хиперкалциемија (зголемено ниво на калциум во крвта).

Феритинот и трансферинот, исто така, се зголемени неколкукратно.

Појава на тумор во двата бубрега е ретко. Ако туморот се јави прво на едниот бурег, а подоцна и на другиот, тој се смета за метастаза.

Туморите на бубрегот немаат еднаков тек на болеста кај сите болни.

Кај некои карциномот се развива брзо и брзо дава дистантни метастази во оддалечените органи и ткива, доведува до интоксикација и предизвикува брза смрт.

Кај други болни, болеста има бавен тек, и долго време по реализираната радикална нефректомија не постојат никакви симптоми и знаци на болеста. Кај нив болеста бавно метастазира после многу години од иницијалниот оперативен третман.