• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Болки и киселина во желудникот Печати

При секое јадење и веднаш излегување на прошетка ми се смачува во желудникот и почнувам да повраќам. Во устата чувствувам киселина.

На нова година имав киселина и ме болеше желудникот и дури утредента вечер повратив, како киселина да исфрлив. Кога слободно ќе ги пуштам рацете гледам тресење на рацете. Моите ми велат дека не сум здрава и понекогаш ми доаѓа да испиам шака лексилиум.

Дали мислите дека ми е од нервоза или постои некоја друга причина?

Дали можете да ми кажете што ми е, некои совети.

Здравјето на желудникот е директно поврзано со начинот на исхраната, но и со стресот. Желудникот, освен што реагира на тоа што јадеме и пиеме, тој е исклучително чувствутелен и на стресот и другите психолошки пореметувања. Често стресот, нервозата може да доведат до зголемено лачење на желудечна киселина. Најверојатно кај тебе се работи за тоа или за воспаление на слузницата на желудникот. Затоа ти препорачувам да се јавиш на лекар. Само со лекарски преглед и потребните испитувања ќе може да се одреди за што конкретно се работи и ќе може да се препише адекватна терапија. Што се однесува до тресењето на рацете, може и тоа да е од стрес или од поголема психичка напнатост.

Ти препорачувам здрав начин на исхрана, како и здрави животни навики. Тие значително можат да ги ублажат симптомите и ќе превенираат развој на гастрит.

Треба да се избегнуваш пржена, сило зачинета и претерано масна храна, алкохол, газирани пијалоци, кафе, чај (посебно на празен желудник), готови индустриски јадења, брза храна („fast food“).

Води дневник на исхраната. Кога ќе се јават желудечни тегоби, потсети се што си јадела за да оцениш дали постои нешто што посебно му штети на твојот желудник.

Маслиновото масло делува антивоспалително. Користи го наместо другите видовина зејтин. Консумирај мали и чести оброци, за да не се лачи во преголема количина желудечна киселина и за да биде желудникот во текот на целиот ден заштитен.

Престани со пушење, ако пушиш, а ако неможеш да престанеш со пушењето, барем намали ги цигарите и никогаш, ама баш никогаш, не пуши на празен желудник.

Обиди се да практикуваш медитација, автоген тренинг, антистресни програми. Обиди се да имаш оптимистички поглед на животот, биди физички активна, најди време за спорт и рекреација и за дружење со пријателите.

Земај што помалку лекови, а ако некои лекови ти се неоходни, земај ги според препораките на лекарот.

Уживај во храната, јади полека и во пријатна атмосфера, свесно џвакај ја храната што подолго. Порано се препорачувало веднаш после јадење да се отиде на прошетка. Сега се смета дека најдобро е да се поседи малку после јадење, а да не се оди веднаш на прошетка или да се легнува во кревет.

Ова се мои препораки кои сигурно ќе помогнат, но сепак нема да го заменат лекарскиот преглед. Затоа, доколку симптомите продолжат да траат, отиди на лекар.

Поздрав.

Др. Л.Ацева.